Имаме реална проекција на БДП, иако и таа е проследена со ризици. Важноста на реалните проекции произлегува од тоа што нереалниот БДП продуцира и нереални расходи во буџетите на корисниците, кои на крајот се трошат непродуктивно. Ова го посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на средба со новинари.
Првиот квартал и индикаторите од вториот квартал не упатуваа на тоа дека нема да се оствари проектираниот раст со иницијалниот Буџет од 3,4%. Затоа проекцијата за раст на БДП за 2024 година е ревидирана на 2,1%. Преземаме активности и насочени сме кон реализација на капитални инвестиции, вршиме притисок да се реализираат проекти за да ја поттикнеме економијата. Економијата е приоритетот и нашиот интерес е насочен кон тоа – истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката рече дека ова е важно од аспект дека многу од расходите во Буџетот зависат од процентот на БДП. А од друга страна, како што беше појаснето на средбата со новинарите, има корисници кои не успеваат да ги реализираат буџетските средства, но и буџетски корисници кои поради несоодветно постапување предизвикуваат огромни штети врз буџетот, како што се исплатата на извршни решенија и кои само од Европскиот суд за човекови права годинава се на ниво од над 3 милиони евра, како и провизии во износ од 27 милиони евра кои се платени од 2017 година наваму за нереализирани проекти, а за кои се земени кредити. Вакво однесување, како што порача министерката, нема да се толерира.
Расходите во Буџетот за 2024 година се поголеми и затоа и се пристапи кон ребаланс во кој се тргна од тоа да се обезбедат пари за она што е законска обврска и доспеани обврски за сервисирање. Расходите и во наредните години се очекува да се високи, за тоа и при проектирање на наредниот буџет за 2025 година ќе треба да се постават приоритети за кои ќе се обезбедат средства – рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во првата половина од оваа година се собрани приходи за 3,5 % пониски од планираното, но оти во јули има добра наплата.
Кај приходите по основ на ДДВ заклучно со јули има повисока наплата за 20,8%, данокот на добивка 20,1%, данокот на личен
доход 18,1%. Дадени се насоки на институциите што се под надлежност на Министерството за финансии дека треба да се преземат одредени мерки коишто се во насока на подобри услуги и поефикасна наплата на приходите – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Facebook
Twitter