Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека секако ќе поднесе оставка доколку неговото ментално и физичко здравје се влоши за време на претседателскиот мандат, нагласувајќи дека се уште е во одлична форма.
Трамп рече дека поминал два теста за когнитивните способности, нагласувајќи дека секој што се кандидира за претседател треба да направи тест за способност, објави американскиот портал Семафор.
Поранешниот американски претседател предложи да се донесе закон врз основа на кој за претседателските кандидати би било задолжително да полагаат когнитивни тестови, иако, како што наведе, „некои велат дека тоа не е уставно“.
Трамп ова го изјави на конференцијата на Националната асоцијација на афроамериканските новинари во средата, каде што учествуваше на панел интервју.
Тој ја покани американската потпретседателка Камала Харис заедно со него да полага когнитивен тест.
– Знаете што, таа падна на правосуден испит, не го положи правосудниот испит, па можеби нема да го положи ни когнитивниот тест, рече Трамп.
Харис го положи правосудниот испит во Калифорнија на нејзиниот втор обид во 1990 година.
На констатацијата на еден од новинарите дека ќе има 82 години на крајот на вториот претседателски мандат, доколку го добие, Трамп повтори дека е во добра здравствена состојба.
-Познавам многу луѓе во нивните 80-ти и 90-ти кои се во одлична форма, рече тој.