Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 40 пожари на отворено, од кои во моментов девет се активни, пет се под контрола, додека 26 се изгаснати, информираше денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Посочи дека активни пожари има во општина Македонски Брод измеѓу село Тажево, село Брезника и Кракот кон Јасен, во општина Пробиштип кај селата Зелениград и Јамиште, како и кај селото Долно Барбарево, во општина Пласница помеѓу селото Пласница и селото Латово, во општина Демир Хисар и Охрид на Илинска Планина, во општина Зелениково измеѓу Смесница, Страхојадица и Градовци, во општина Охрид измеѓу Косел, Волино и Опеница, во општина Студеничани кај селото Вреќица, како и во општина Ново Село кај селото Бадилен.
Пожарите кај селата Негрево, Пресека, Татомир, Грешница и Патетино се ставени под контрола, рече Ангелов, додека изгаснати се во општина Свети Николе кај Долно и Горно Ѓуѓанци, општина Старо Нагоричане кај селата Малотино и Жегљане, во општина Липково кај селата Слупчане, Лојане, Ваксинце и Матејче, општина Радовиш на улицата Тоцко Андонов, во општина Боговиње кај селото Горно Седларце, општина Виница кај Виничко поле, општина Гостивар кај селото Дебреште, општина Струга кај село Ложани, како и на патот Струга – Калишта, во општина Дебар кај селото Блато и Спас, во општина Кичево кај селата Зајас, Мамудовци и Долно Пашино, општина Охрид на улица Јовица Новичич, во општина Сарај кај селото Горни Крушопек, Семениште, Рамниште и Копаница, во центарот на Скопје под Калето кај резиденција на МПЦ, во селото Студеничани, во општина Шуто Оризари на улица Гвадалахара, во општина Петровец кај селото Ржаничино, како и во општина Бутел кај селото Љуботен.
-Дождот кој врне локално засега не ни помогна никаде. Косел моментално е под контрола, има горење само во еден дол. Има доволно ресурси на терен, изјави директорот на ЦУК Ангелов.
Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска учествуваше на редовниот утрински брифинг на националните и странските воздухопловни тимови и директно на писта од воениот дел од аеродромот се запозна со противпожарните активности, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Евроамбасадорот Гир и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов од посадите на хеликоптерите и авионите пристигнати преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита беа запознаени со перформансите и учинокот и имаа можност да ги видат леталата пред да започнат со нивните цели предвидени за денес, соопшти ЦУК.
Сите домашни и странски сили, и по земја и од воздух, како што се вели во соопштението, согласно оптималните услови на техниката и ситуацијата на терен, храбро и одлучно се борат да ги угаснат пожарите што земаа замав во нашата држава.
-Директорот Ангелов се заблагодари на евроамбасадорот Гир за поддршката од ЕУ Механизмот за цивилна заштита и неговото лично присуство и поддршка на здружените напори на националните и меѓународните сили за одбрана од разбеснетата огнена стихија. Потоа Ангелов ги посети пилотите на авионите на ДЗС, посочуваат од ЦУК.
Фото: ЦУК