Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војната со Русија мора да заврши под украински услови и дека верува дека е можно да се спроведе украинската формула за мир.
Во своето редовно ноќно видео обраќање Зеленски истакна дека Украина мора да добие дозвола од своите партнери да распореди оружје со долг дострел за да гаѓа цели во Русија, објави Украинска Правда.
– Украина треба да биде во ситуација да напаѓа каде и да се наоѓа окупаторот, од каде Русија и да ја напаѓа Украина, од каде и да лансира проектили, беспилотни летала „Шахед“ и бомби, рече Зеленски.
Тој посочи дека на Украина и е потребна оваа одлука за да може да го искористи сето оружје што може да биде ефективно.
– Мораме да ги заштитиме животите на нашиот народ и да ја завршиме војната под украински услови, нагласи тој.
Зеленски, исто така, им се заблагодари на партнерите на Украина кои продолжуваат да вршат притисок врз Русија и земјите кои и помагаат во нејзините воени напори со санкции.
– Клучните принципи на нашата мировна формула можат апсолутно да се применат, бидејќи глобалното мнозинство врши притисок врз Русија, не ја поддржува нејзината воена активност и навистина сака да ја врати стабилноста во меѓународните односи, рече украинскиот претседател.