Новата учебна година ќе почне на 2ри септември и пролетен распуст нема да има.

Ова го објави лично министерката за образование Весна Јаневска, која кажа дека анкетите покажале дека учениците и родителите не сакаат пролетен распуст и дека за нив тоа е поголем проблем, отколку придобивка.

За жал и оваа учебна години ќе има проблем со наставниот материјал. Учениците од 7мо одделение ќе учат од учебници напишани по старата програма. Причина – новите се уште се на јавна расправа.

Недоставуваат учебници и за странски јазици од 1во до 9то одделение, за кои Јаневска уверува дека ќе бидат готови идната година. Дел пак од учебниците за стручните средни школи во моментов се печатат, а ќе се дистрибуираат постепено во текот на учебната година.

-Децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да може заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе комликација отколку поволност и во тој правец ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2ри септември до 10ти јуни за сите освен матурантите, изјави Весна Јаневска.

Откако од СОНК пред изборите побараа усогласување на платите на вработените во образование согласно зголемувањето на минималецот, министерката Јаневска посочи дека остварила две средби со синдикатот, но и поединечни средби со наставници, на кои им објаснила дека поради долговите на Министерството покачувањето ќе го добијат во март.

– Направени се сериозни разговори во Владата и со Министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според Колективниот договор ќе добијат покачување од 10 до 12%,- изјави -Весна Јаневска – министерка за образование.

Дополнително од СОНК побараа и потпишување на нов колективен договор за основно и средно образование за што Јаневска уверува дека ќе се потпише до крајот на нејзиниот мандат.