Рокот од шест месеци за отворање на Уставот и внесување на Бугарите кој коалицијата ВРЕДИ го стави како услов за коалицирање во Владата повеќе не важи. Иако уставните измени и продолжување на преговорите со ЕУ беа приоритет во предизборието, сега тие може да почекаат а од „Вреди“ велат дека не не станува збор за притисок од партнерот во Владата – ВМРО–ДПМНЕ туку поради политичката нестабилност во Бугарија и претстојните избори, седми во изминатите три години во соседната држава.
„Имајќи предвид состојбата во Република Бугарија сметам дека има простор во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира рокот. Моментално имаме состојба во друга земја која од аспект на владеење на извршната власт не е стабилна. Не може да обвинуваме за нешто за кое втората странка битна во процесот нема стабилна Влада или нема човек со кого мое да се преговара на конкретната тема. Не зависи од … Македонија туку зависи од локални политики во соседната Бугарија“, изјави Фари Хисени, портпарол на коалицијата ВРЕДИ.
Од ВРЕДИ не прецизираа дали се согласуваат со идејата на партнерот во Владата ВМРО – ДПМНЕ за уставни измени со одложено дејство.
Опозициската СДСМ денес побара од ВРЕДИ да ги исполни дадените ветувања околу отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите во него.
„Сметаме дека сите партии треба да ги исполнат ветувањата дадени пред гласачите. Ако ВРЕДИ им го вети ова на гласачите коишто дадоа доверба и со чијашто помош станаа дел од Владата тогаш очекувам да ги исполнат тие ветувања“, изјави Даниела Николова, пратеник СДСМ.
По инцидентот на скопскиот аеродром кој го предизвика сега веќе суспендираниот шеф на обезбедување на собранискиот спикер Африм Гаши, од коалицијата остануваат на ставот дека тој нема никаква одговорност во овој случај.