На 11 август 1992 година со одлука на Собранието на Република Македонија беа усвоени знамето со црвена боја и со 16-крако златно-жолто сонце, со осум основни и осум споредни сончеви зраци.
Тоа беше замена за дотогашното знаме со идеолошки симбол од времето на СФРЈ, односно Социјалистичка Република Македонија, кое исто така беше со црвена основа и со ѕвезда петокрака.
Новото знаме со 16-кракото македонско сонце се користеше до 5 октомври 1995 година, кога беше сменето со сегашново – црвено со златно-жолто сонце, со осум сончеви зраци…
Смената на знамето беше извршена под притисок на Грција и со поддршка од тн. меѓународна заедница, со образложение дека ќе биде прекината блокадата од страна на Грција што беше воведена кон Република Македонија.
Почнаа со смена на знамето, на Уставот и на крај со промена и на името на Република Македонија. Симболот што беше на државното знаме на Република Македонија, кој беше користен и на многу други места, по потпишувањето на Договорот од Преспа, тогашната власт на СДСМ и ДУИ, предводена од тогашниот премиер Зоран Заев, почна да го отстранува и со брусилки да го гребе од јавните површини.
И да казнува за негово виорење, како што беше последниот случај во судот во Охрид каде што се водеше судски процес за истакнување на ова знаме на верскиот празник Водици во овој град.
Но, на народот тешко е да му се забрани нешто што сака, па така е постигнат контраефект – знамето со Сонцето од Кутлеш денес се вее на многу куќи, приватни имоти и низ многу населби низ Македонија.
(Д.Г.)