Пред 107 години, во Букурешт, се преговараше за Македонија. Навистина, името Македонија не се ни споменува, но во суштина, се се’ врти околу нејзината територија. Што се случувало во тие 12 дена на преговорите од 17 до 28 јули 1913 година (според стариот календар) кога Македонија е поделена и кога Грција го стекна три милениумското право врз оваа земја? Каква била улогата на Русија, Франција, Италија и Австрија? Еве ја атмосферата во текот на тие 12 дена исполнети со дипломатски замки и надмудрувања, не само меѓу Грција, Србија и Бугарија, туку и меѓу големите сили кои ги расчистувале своите сметки преку грбот на помалите земји.

Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ

Втората балканска војна започнала со судирите меѓу Бугарија, Грција и Србија во јуни 1913 година во врска со различните сфаќања за тоа на која држава колкав дел од Македонија треба да и припадне. Подоцнежните анализи покажале дека е многу веројатно оти Бугарија ѓе успеела да извојува победа и на двата фронта, доколку таквата ситуација не ја искористела Романија, која поттикната од Франција и Велика Британија, и објавила војна на Софија. Со оглед на тоа што северниот дел на Бугарија бил речиси без војска, романските одреди на почетокот на јули едноставно се прошетале низ бугарската земја и стигнале пред капијата на бугарскиот главен град. Истото го искористила и Турција, која отворила четврт фронт против бугарската војска. По ова поразот на Бугарија бил неминовен, па таа побарала прекин на непријателствата и преговори.

На 14 јули 1913 година (стар календар), недела, со српски брод на кој се вееле српското, црногорското, грчкото и романското знаме, во Турну Северин заедно пристигнале српската, грчката и црногорската делегација. Биле пречекани од Треанеа Гречеано, шеф на романскиот дворски протокол. Оттука, со воз заминале за Букурешт. Во разговорот со еден дописник на романски весник, претседателот на српската Влада и шеф на српската делегација, Никола Пашиќ, веднаш по пристигнувањето изјавил:

„По прашањето за Гевгелија, меѓу нас и Грците нема никакво несогласување. Ако и Бугарите ја покажат истата дорба воља, преговорите бргу ќе завршат“.

На тоа се надоврзал и грчкиот делегат Димитар Панас:

„Меѓу нас и Србите нема несогласувања. Гевгелија нема да ни прави проблем.“

Во меѓувреме, на пат кон Букурешт била и бугарската делегација, предводена од министерот за финансии и претседател на Либералната партија Димитар Тончев.

17 ЈУЛИ 1913 ГОДИНА

Преговорите започнале на 17 јули 1913 година во 16 часот со седница на делегатите на завојуваните земји во романското Министерство за надворешни работи. Први пристигнале Србите и Црногорците, потоа Бугарите, Грците и на крај романските делегати. За претседавач на седницата бил избран претседателот на романската Влада, Титу Мајореску. Тоа бил прв ден кога делегатите се запознавале меѓу себе, но и со содржината на нивните полномоштва. Било констатирано дека сите, освен претставниците на Црна Гора имаат неограничени овластувања за водење преговори и за склучување мир. Првите сигнали биле дека помеѓу Романија и Бугарија и Србија и Бугарија бргу ќе биде постигнат договор. Се навестувало дека сериозен проблем може да има во преговорите меѓу Бугарија и Грција поради пристаништето Кавала.

Но, и покрај најавите дека работите можеби же одат лесно, уште пред да запошнат преговорите односите меѓу Србија и Бугарија дополнително се заостриле поради тоа што Бугарите побарале од Романците да го заштитат населението од градот Видин, тврдејќи дека ако во него прва влезе српската војска, која се наоѓала на три километри од градот, ќе се случи масакр. Во Србија тоа е протолкувано како дипломатски обид на бугарската делегација да внесе раздор во добрите односи меѓу Романија и Србија и како интрига на Бугарите. Подоцна се дознало дека на ваков чекор Бугарија била советувана од Италија, која поради своите интереси во Албанија и егејските острови, не била наклонета кон Грција и Србија.

На истиот состанок, по предлог на грчкиот премиер Елефтерос Венизелос кој ја предводел грчката делегацијата, било договорено од 18 јули во 17 часот, да започне примирје на сите боишта. Целосното примирје требало да се воспостави во рок од пет дена, односно до 23 јули. Доколку до тој датум не се постигнел договор или доколку не биле дадени гаранции дека ќе биде постигнат договор под услови прифатливи за сите страни, непријателствата ќе продолжеле.

18 ЈУЛИ

Втор ден од разговорите кои повторно започнале во 16 часот. Состанокот траел половина час при што било договорено дека спротивставените страни треба меѓусебно, на посебни и одвоени средби да ги решат спорните прашања, а на конференцијата да ги изнесуваат само тие во врска со кои не била постигната согласност. Потоа, во вечерните часови се воделе посебни разговори меѓу српскиот премиер Пашиќи бугарскиот шеф на делегацијата Тончев, по што следела средба и разговор меѓу Тончев и Венизелос. Претходниот ден Венизелос изјавил дека Кавала мора да остане грчка и уште еднаш потврдил дека проблемот со Гевгелија нема да се појави и дека градот најверојатно ќе и припадне на Србија.

Истовремено, внимателно се слушале пораките што доаѓаат од големите сили, пред се Велика Британија, Франција, Русија и Австро-Унгарија. Дента владеело уверување дека ниту една од нив нема ништо против Србија да ја добие Македонија од десната и од левата страна на реката Вардар, се’ до Гевгелија. Извесен немир внеле написите во некои австриски весници дека сепак, заради рамнотежа на Балканот, на Србија треба да и припадне само територијата од десната страна на Вардар, а на Бугарија левата страна и пристаништето Кавала.

На 18 јули се појавила и веста дека Бугарите можат да го истакнат прашањето за автономија на Македонија, како последна шанса да ги спречат аспирациите на Србија и Грција. Веднаш стигнала и реакцијата на дописниците на некои балкански весници од Париз кои известиле дека Франција смета оти тоа прашање е решено и потсетиле дека на преговорите во Лондон по завршувањето на Првата балканска војна, истиот предлог го понудила и Турција. Тогаш, токму од Бугарија било одговорено дека Турција заборавила на резултите од војната и дека предлогот за автономна Македонија не може да се прифати. Пораката била јасна: ако сега Бугарија го постави истото прашање, таа фактички се однесува како и Турција, зошто не зема предвид дека е поразена во војната, но ќе го добие истиот одговор што и самата му го дала на турскиот претставник на преговорите во Лондон. Тоа се денови кога Грција и Србија уживале огромна поддршка од Франција и Велика Британија кои во двете земји гледале брана против ширењето на австриското и руското влијание на Балканот.

19 ЈУЛИ

Од 10 часот се воделе разговори меѓу српската, грчката и црногорската делегација од една страна и бугарската од друга. Во текот на разговорите на Бугарија и биле испорачани барањата на сојузниците. Претходно, бугарската и романската делегација постигнале договор со кој Бугарија и ја отстапила Добруџа на Романија. Бугарите експресно се договориле со Романците, надевајќи се дека на тој начин }е успеат во натамошниот тек од разговорите Романија да се однесува како неутрална страна бидејќи интересот веќе и е задоволен.

Официјалната конференција под претседателство на Мајореску започнала во 16 часот, но била прекината откако било констатирано дека сојузниците и Бугарите се уште не постигнале договор.

Дента била видлива нервозата поради турското освојување на Едрене и извештаите дека населението излегло да прославува упатувајќи му благодарност на султанот. Поради тоа, рускиот амбасадор во Букурешт им советувал на Грција и Србија што поскоро да постигнат договор со Бугарија за да се избегнат кавгите и за да може Русија да и го гарантира Едрене на Софија. Два дена подоцна, станала јасна нервозата на Русија: токму на 19 јули турската власт на неколку часа го затворила преминот преку Босфор за трговски бродови. Подоцна, преминот бил отворен, но пораката била доволно силна за да се крене паника во Русија, односно во Санкт Петерсбург. Кога ќе посака, Турција може да ја блокира Русија и ако таа, преку Бугарија не најде друг излез кон море, се наоѓа во прилично незгодна положба. Токму затоа, Русија од позадина ќе ја поддржува Бугарија во нејзиното барање да го добие пристаништето Кавала и тоа било едно од клучните прашања околу кое се ‘кршеле’ преговорите.

20 ЈУЛИ

Денот започнал со изјавата на бугарскиот премиер Радосавов за весникот ‘Цајт’ дека ‘веќе сега може да се смета оти мирот е постигнат’ и дека ‘што се однесува до поделбата на Македонија, нема да има несовладливи пречки затоа што големите сили го задржаа правото да го имаат последниот збор’.

Изјавата покажува дека Бугарите се обидувале со помош на дипломатски средства да издејствуваат што поголем дел од Македонија за себе, но дури и во случај на неповолен развој на настаните, се надевале на помош од Русија и Австро-Унгарија по завршување на преговорите. Прашањето за автономија на Македонија по францускиот неофицијален сигнал веќе не било споменувано.

Во текот на денот Србија и Грција повеќе биле ангажирани на дипломатски план во врска со проблемот на влегувањето на Турција во Едрене, истакнувајќи дека тоа прашање, кое се обидува да го наметне Русија, нема врска со преговорите во Букурешт. Ако Бугарија има проблем со Турција, нека се обрати кај големите сили за тоа, бил заедничкиот став на српската и грчката делегација..

На 20 јули обелоденети се барањата на сојузниците поставени два дена пред тоа. Од Бугарија било побарано границата да се повлече по реката Струма, и линијата да оди се до Егејско Море, потоа Бугарија да се откаже од сите предлози поврзани со островите во Егејското Море, да прифати плаќање на отштета и да даде гаранции за населението во Тракија за слобода, училишта и црква во општините означени како грчки. Се повеќе се кристализирал и ставот на големите сили за Кавала.

Весниците пренсуваат дека зад идејата пристаништето да и припадне на Бугарија застанале не само Русија, туку и Австрија и Италија, додека Франција, Велика Британија и Германија инсистирале тоа да и припадне на Грција. Дента се чекал сигнал од Бугарија за тоа дали ги прифаќа барањата на сојузниците, за да може да се продолжи примирјето кое завршувало на 23 јули.

Пропагандата била активна и за време на преговорите. Така, на 21 јули српските и грчките весници биле преплавени со извештаи за масакрите што бугарската војска ги извршила во Серес. Во белградска ‘Политика’ било објавено и некое писмо од здружение на грчки жени, кои навеле дека во едно село во близината на Серес, Бугарите им закачиле ѕвончиња на жените и ги терале голи да играат околу огнот во кој живи ги фрлале нивните деца. Подоцна, Карнегиевата комисија ги истражувала сите наводи за злосторствата во Серес (и не само таму) и утврдила дека во најголем број случаи всушност станувало збор за лаги на Грците и Србите.

Било утврдено дека по нападот на грчката војска на Серес, бугарските единици почнале да се повлекуваат во безредие, по што биле убиени некои затвореници во затворот, но како што смета Комисијата, тоа било сторено самоволно од чуварите. Еден од грчките затвореници кој немал пари да го поткупи чуварот, бил буквално закован за подот со бајонет. Но, покрај овој пример, Комисијата утврдила дека повеќето наводи за бугарските злодела се измислени и дека нивната цел е пропагандна. Така, на пример, во еден грчки извештај се наведувало дека е убиен и директорот на Отоман банката во Серес, но членови на Комисијата имале можност да се видат и поразговараат со него. Не му фалело ниту влакно од главата.

Наспроти тоа, истата Комисија утврдила дека грчката војска систематски вршеле злосторства врз негрчкото насление во Серес. Голем дел од убиствата биле извршени на 1 јули, кога една бугарска регуларна единица успеала да ја порази грчката милиција надвор од Серес и напладне почнала да влегува во градот. Најмалку 60 или 70 затвореници, наведува Комисијата, се уште биле живи, а нивните чувари-Грци решиле брзо да ја завршат својата работа.

Двајца затвореници (Ангелов и Лимонов) успеале да избегаат, а другите, премногу ослабени за да се спасат, биле заврзани. Ги носеле на колење по четворица или петмина, но убивањето било неефикасно, па десетина успеала да преживеат, како што запишал еден член на Комисијата, ‘со рани што биле такви какви што нанесува месар кога се обидува да коле луѓе како што би заклал овца’.

Сепак, извештајот на Карниегиевата комисија е правен подоцна, а во тие денови на преговори во Букурешт, пропагандата на победниците во војната работите ги прикажувала многу поинаку.

21 ЈУЛИ

Денот минал во дипломатски обиди на бугарската делегација да добие уште малку време, надевајќи се дека големите сили ќе и го остават делот од Македонија на левата страна на Вардар до Гевгелија. Србија останала непопустлива барајќи ги Крива Паланка, Кратово Штип, Радовиш, Кочани, Струмица и Гевгелија. Сите делегации, освен романската, имале меѓусебни средби и во врска со Кавала, но договор не бил постигнат поради тоа што Бугарија се уште се надевала дека може да го добие пристаништето. Наспроти тоа, францускиот, британскиот и германскиот став бил дека на Бугарија и е доволен излезот на Егејско Море источно од Кавала. Последен предлог на Бугарите бил дека за Кавала е потребно уште да се преговара, а дека се откажуваат од сите приговори во врска со српските предлози за територијата од левата страна на Вардар, но бараат да им останат Штип и Кочани. Доколку ја добијат Кавала, Бугарите истакнале дека се подготвени да се откажат од двата града. Српската делегација го завршила денот со убедување дека ситуацијата е таква што Бугарија ќе мора да попушти и по однос на ова барање.

Притисокот на времето бил се’ поочигледен, а Грција и Србија, уверени во својата воена надмоќ, почнале по кулоарите да шират гласини дека е можно сите делегации да ги напуштат преговорите, што би значело обнова на војната со оглед на тоа што примирјето истекувало на 23 јули во 17 часот попладне.

Романскиот весник ‘Виторил’ веќе најавил дека грчката и српската војска имаат план за нова заедничка акција против Бугарија. Спротивно на тоа, дипломатска порака, а во рамки на војната што се водела преку весниците, австрискиот ‘Винер Алгемајне Цајтунг’, повикувајќи се на дипломатски извори во Виена напишал дека во Австрија се смета оти грчките и српските барања се претерани и дека не била земена предвид вољата на големите сили.

22 ЈУЛИ

Во врска со преговорите меѓу делегациите бил даден ден за пауза, а била свикана пленарна седница со цел да се продолжи примирјето. Тоа и било сторено, а молкот на оружјето бил продолжен за три дена. И покрај денот за одмор, делегациите сепак разговарале, па Бугарите истапиле со нов предлог: се откажале од Штип и Кочани, но сега го поставиле барањето за Радовиш и Струмица како градови од кои по ниту една цена не можат да се откажат. Во неформалниот дел од разговорите било забележано дека Бугарите се уште полагаат многу надеж во Австрија, Русија и Италија и дека се надеваат оти каква и да биде содржината на потпишаниот договор, тој ќе биде ревидиран од големите сили во нејзина полза.

Грците уште еднаш истакнале дека немаат намера да ја отстапат Кавала. Романските претставници ја искористиле приликата да кажат дека преговорите меѓу нив и Бугарија се завршени, но дека романско-бугарската граница ќе ја сметаат за конечна дури откако ќе биде постигната целосна согласност меѓу сите делегации за сите прашања. Тоа делувало како еден вид шок за делегацијата на чело со Тончев која сметала дека маневарот за одвојување на Романија од Србија и Грција во првите два дена успеал.

Наспроти тоа, зборовите на Мајореску биле сфатени како директна воена закана од Романија кон Бугарија во случај таа да продолжи да ги отфрла барањата на Грција и Србија.

23 ЈУЛИ

Конференцијата започнала во 16 часот. Откако бил усвоен записникот од претходниот ден, збор побарал грчкиот премиер Венизелос кој истакнал дека добил писмо од кралот Константин со кое тој го известил дека на бугарско-грчката линија на разграничување на фронтот, воен бугарски претставник им рекол на предните грчки одделенија дека непријателствата ќе продолжат уште истиот ден. На тоа реагирале бугарскиот шеф на делегацијата Тончев , како и присутниот член Иван Филев (началник на ГШ), кои рекле дека за тоа ништо не знаат и дека кралската депеша можеби е резултат на некаква заблуда.

Потоа по започнување на разговорите, Бугарите истакнале намера да се откажат од барањата поврзани со Вардарска Македонија, но дека инсистираат на Кавала и Орфанскиот Залив. Одговорот на Венизелос бил дека во Грција ќе избие револуција ако пристаништето биде отстапено на Бугарија.

Денот минал и во знак на вестите за дипломатскиот притисок на Русија и Италија врз Грција во врска со Кавала. Целата игра околу ова пристаниште ја воделе на една страна Велика Британија и Франција, а на друга Австрија и Русија. Кон овие последните се придружила и Италија. На 22 јули ‘Франкфуртер Цајтунг’ напишал дека без оглед на тоа што ќе потпише Бугарија, не само во врска со Кавала, туку и воопшто, целиот договор ќе добие на значење дури откако ќе биде ревидиран од големите сили.

Истиот ден Ројтерс јавил дека Бугарија сепак ќе попушти и ќе ги прифати сите барања на Грција и Србија, како и дека Турција се согласила да се повлече од Едрене, но за возврат бара финансиски концесии од Европа, истовремено инсистирајќи повлекувањето од градот да биде изведено на начин кој ќе го зачува достоинството и на војската и на државата.

Дента, романскиот министер за финансии Марголоман започнал со организирање ручеци во чест на делегациите, а првиот ручек бил во чест на српскиот премиер Никола Пашиќ.

24 ЈУЛИ

Ова е денот кога е постигнат договор меѓу сите страни. Србија ги добила Штип, Кочани, Радовиш и Гевгелија, а Грција – Кавала. Бугарија, а со тоа Русија и Австро-Унгарија, ја загубиле битката. Но, затоа Струмица и Ксанти биле оставени под власт на Софија (сепак, подоцна, првиот град ќе и биде даден на Србија, а вториот на Грција). Седницата траела од 16 до 20 часот, а било договорено наредниот ден да се започне со составување на финалниот договор за мир кој официјално би бил потпишан. Тоа е ден кога Србите се потсетиле на Букурешкиот договор од 1812 година кога поради потребата да се спротивстави на Наполеон, Русија ги повлекла своите војски од Балканот и ја оставила Србија на цедило по што Османлиите повторно ја воспоставиле власта над Белград.

Овој пат, ликувале Србите велејќи дека неправдата стара 100 години е исправена.

25 ЈУЛИ

Состанокот започнал во 17 часот и 15 минути. Бил потпишан протоколот од претходниот ден кога е постигната согласноста меѓу преговарачките страни. Била формирана комисија што ќе го состави мировниот договор.  Примирјето било продолжено на неодредено време, а биле започнати разговори за демобилизација на војските. Романската Влада, независно од тоа, веќе започнала со демобилизација. Голем немир кај сојузниците внела веста дека Австрија и Русија ќе бараат ревизија на постигнатиот договор.

Грчкиот премиер Венизелос прочитал писмо со кое се изразува жалење поради забуната која настанала во врска со информацијата од 23 јули дека бугарските претставници на фронтот искажале оти непријателствата ќе продолжат. Потоа, истапил претставникот на Црна Гора Матановиќ кој прочитал мемоар со барањата на оваа држава. Во Мемоарот истакнал дека кога Црна Гора стапила во војна не знаела дека постои договор за поделба на територии меѓу Србија и Бугарија (од февруари 1912 година). Бидејќи во војната таа загубила 17.000 луѓе, што за земја која во тоа време имала само 300.000 жители е екстремно многу, Матановиќ најавил дека и Црна Гора бара да добие територии кои би и овозможиле натамошен посигурен и побезбеден развој.

Потоа романскиот претседавач Мајореску ја прочитал официјалната нота од Австро-Унгарија и Русија со која двете сили најавиле дека ќе го ревидираат договорот. Веднаш следела и реакцијата на Франција која изјавила дека Париз не добил никакво барање за ревизија на договорот и дека во секој случај ќе биде против такво нешто.

26 ЈУЛИ

Изготвен е текстот на мировниот договор и најавено е негово потпишување за 28 јули, понеделник. Во договорот не биле внесена бугарската желба за негова ревизија. Со договорот се одредени границите меѓу Романија, Србија, Грција и Бугарија. Прашањето за Едрене е оставено за решавање од страна на големите сили што од Бугарија било прифатено зашто се надевала дека со тоа всушност се отвора можност за дополнително вмешување на Австрија и Русија во целиот процес и за ревизија на целиот договор. Било утврдено и дека финалниот договор нема да има никакви дополнителни клаузули и протоколи.

Во меѓувреме, поранешниот бугарски премиер Гешов веќе заминал за Санкт Петерсбург со идеа да издејствува од Русија ревизија на договорот. Рускиот став за Кавала бил објаснет преку романските весници, а се сведува на тоа дека излезот што Бугарија го добива на Егејско Море е без добри пристаништа, а дека единствено пристаниште кое ги задоволува потребите на Русија е токму Кавала. Наспроти ова, британскиот став бил дека договорот од Букурешт треба да се смета за конечен.

Во Грција веќе започнало славење. Кралот Константин наредил на сите тврдини од Дарданелите до Јанина од топовите да бидат испукани по 101 плотун. Весниците наведуваат дека грчките градови биле украсени и осветлени до доцна во ноќта, посебно во Атина каде секој дом имал закачено нешто во знак на општата радост.

27 ЈУЛИ

Недела. Делегациите биле во исчекување на наредниот ден кога требало да се стават потписите на договорот.

28 ЈУЛИ

Потпишан е Букурешкиот договор. Пред потпишувањето, грчкиот претставник Никола Политис, професор по меѓународно право на Парискиот универзитет, имал предлог членот 1 да гласи:

„За да се воспостави мир и хармонија меѓу договорните страни…’, итн.

Бугарскиот претставник Симеон Радев не се согласил со зборот хармонија, по што тој бил избришан, па се пристапило кон потпишување. Во круговите на делегациите ова живо се коментирало, а имало и такви кои во одбивањето на зборот ‘хармонија’ гледале лош знак.

Како и да било, следеле потписите со кои е завршена Втората балканска војна и е поделена македонската територија. Подоцна се вршени одредени измени, па, на пример, Струмица е припоена кон Србија, а Бугарија изгубила секаков излез кон Егејското Море, но во основа се запазил договорот што бил постигнат во романскиот главен град. Така завршило 12-дневното преговарање во Букурешт и потпишувањето на договорот кој денес кај Македонците се смета за еден од клучните моменти во поновата историја.

(напишано по повод 95-годишнината од Букурешкиот договор)