Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Врапчиште и новоизградениот објект наменет за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње, како дел од проектот за „Прекугранична заштита од пожари – Fireshield“, финансиран од ЕУ програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, чии носители се двете македонски општини, албанската Општина Черик и НВО Каритас југ од Албанија.

Ова е еден од неколкуте проекти коишто се во завршна фаза, а во чија реализација Министерството има партнерски удел, а истовремено е и актуелна неговата сфера на делување, со оглед на активните пожари ширум земјава. Тоа беше дополнителна причина, министерот Перински, да изврши увид во текот на досегашната реализација на проектот и да ги разгледа можностите за евентуална помош во актуелното справување со пожарите ширум земјава.

-Сега, кога на повеќе локации во земјава демнеат пламени јазици, несомнено е дека проектот суштински ќе делува за заштита на регионот во секој поглед. Истовремено, овие противпожарни капацитети веќе би можеле да ги ставиме во функција за гаснење на пожарите каде има потреба од логистичка поддршка. Во конретниов случај пак, загарантирана ќе биде безбедноста на преку 65.000 месно население, на нивните имоти, како и на 8.000 хектари планински терен и шумски појас во прекуграничниот регион. Нема да има простор за стравување. За жал, во минатото поради недостиг од соодветни капацитети, уништени беа над 5.000 хектари шума, а на моменти во опасност беше доведена и безбедноста на животите и имотите на населението од 30 рурални населби во регионот. Тоа сега ќе стане минато, истакна министерот Перински, кој изрази задоволство што освен за примарната намена за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње, проектот е од големо значење и за Националниот парк Шар Планина, кој граничи со двете општини.

Вредноста на целиот проект е речиси 860.000 евра. Општините Врапчиште и Боговиње партиципраат со 545.000 евра, Министерството го помага проектот со 81.750 евра, а останатите средства се обезбедени преку ЕУ Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.

Предвидено е проектот да биде финализиран на крајот на месец ноември.