„Сите инвестиции ќе имаат супер позитивен ефект врз домашниот производ, бидејќи се извозно ориентирани, дел од нив имаат и извозна компонента, но нето разликата извоз- увоз е она што влегува во пресметка на бруто домашниот производ и ќе биде голема“, изјави претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во неговото гостување на „За или против“ на Алфа телевизија, најавувајќи нови инвестиции со кои ќе се подобри економијата.

Премиерот Мицкоски во полето на инвестициите посочи дека многу скоро јавноста ќе биде сведок на законско решение со кое данокот на добивка за мултинационални компании кои ќе консолидираат профит поголем од 50 милиони евра овде кај нас ќе имаат данок до 5%, што е историски, но и регионално најмал данок.

„Генерално со „Алказар“ ние добиваме еден терават електрична енергија од обновливи избори на енергија, компанијата почна процедурата, во тек се административни подготовки и очекувам на истиот ден, на година дена откако го потпишаа договорот оваа инвестиција од половина милијарда долари да стане реалност. „Епсотек“ е фирма која исто така ја најавивме кога станавме влада, претходната влада велеше дека тие ја работеле, јас им се заблагодарив, им реков „благодарам што правевте со години, но треба да сте свесни дека ние за неколку недели оваа инвестиција ја ставивме во функција“. Многу скоро од денеска ќе имаме камен темелник. „Вабтек“ исто така инвестиција која ги одглавуваме проблемите од минатото, тие се веќе присутни, но овие 70 милиони евра извоз значително ќе влијаат врз бруто домашниот производ“, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски најави уште две инвестиции на постојни компании кои се очекува до крај на годината да бидат потврдени, огромни инвестиции, како и уште една нова 150 милиони евра инвестиција, каде земјава е во најтесна трка со голема моќна држава, членка на ЕУ и поранешна членка на источниот блок каде се преговара за условите.

„И уште една инвестиција, ќе најавам камен темелник за недела, две, ја користам ова прилика да и заблагодарам на претходната влада што неколку години работеле на оваа инвестиција, но ете било потребно овие два месеци да се промени владата па оваа инвестиција да биде реалност. Од прв ден рековме економијата е наш фокус, ако немате добра економија немате приходи во буџет, а тогаш нема плати поголеми, нема субвенции“, истакна премиерот Мицкоски.

Многу скоро, како што рече, ќе биде поставен и камен темелник на фирмата „Ипсотек“.

– Фирмата „Ипсотек“ ја најавивме кога станавме влада. За неколку недели оваа инвестиција ја ставивме во функција, а последно што знам е дека е добиено мислење од Комисијата за заштита на конкуренцијата и многу скоро, за неколку недели, ќе имаме и камен темелник на оваа институција. Исто така, има две инвестиции на постојани компании што очекувам да бидат потврдени до крајот на годината. Станува збор за огромни компании кои веќе се присутни кај нас, огромни инвестиции кои значително ќе влијаат врз БДП, рече Мицкоски.

Што се однесува до платите тој истакна:

Јас и секој човек, нема таков човек којшто не сака работниците коишто работат по закон и устав да имаат поголема плата и поголем стандард и како прв човек на Владата ќе дадам се од себе да создадам услови да можат работодавачите да ги платат оние работници коишто работат согласно закон и Устав повеќе од тоа што ги плаќаат сега. Се ќе направам и јас и луѓето коишто се дел од Владата. Тоа не треба никој да има дилема.

Тој додаде дека оваа влада наследи катастрофален Буџет од страна минатата каде што не беа испланирани средства за плати во одредени претпријатија и исплата на пензии, но и покрај тоа со ребалансот овие состојби се надминати.

„Ние наследивме состојба таква каква што наследивме, многу лоша, катастрофална, катаклизмична. Катастрофа е комплимент, поезија во споредба со тоа што го наследивме. Со огромна буџетска дупка, со пари коишто не беа планирани, недостасуваа итн. Во рамките на зголемување на приходната страна ќе бараме начин да ова го овозможиме за оние работници коишто се, би рекол резултат на работата на Буџетот, односно сите оние коишто се во администрацијата итн“, истакна Мицкоски и додаде:

„Тоа во овој момент е невозможно, но тоа што можевме го обезбедивме. Обезбедивме плата за луѓето од „Национални шуми“ коишто не беа земале со месеци плата, обезбедивме плата за вработените од АД „Водостопанство“ коишто со месеци не беа земале плата, обезбедивме околу 5 милијарди за пензионерите, по основ на линеарното покачување, а не како што беше досега процентуалното туку линеарното од 2500 денари овој септември и 2500 денари следниот март. За редовната исплата без ова покачување 5 милијарди денари недостасуваа“.