Директорот на ЈП „Национални шуми“, објави податоци за потрошено гориво во август 2023 и истиот месец оваа година. Според него, постои сомнеж дека преетходното раководство на претпријатието, правело незаконски работи со горивото.
„Месец август 2023 година, вкупната бројка на пожари на отворен простор кои се случиле во Македонија е вкупно 622 пожари, а од нив шумски пожари се 37.
Притоа, тие 37 пожари зафатиле 2.288.93 хектари со дрвна маса од 8.261.50 метри кубни.
Само за гориво, ЈП „Македонски Шуми” во месец август 2023 година водено од претходното раководство потрошиле околу 4.8 милиони денари или околу 78.000 евра. Во месец август 2024 година, вкупната бројка на пожари на отворен простор кои се случиле во МАКЕДОНИЈА е вкупно 938 пожари, а од нив шумски пожари се 123.
Притоа, тие 123 пожари зафатиле околу 15.000 хектари со дрвна маса од нешто преку 100.000 метри кубни.
Само за гориво, ЈП „Македонски Шуми” во месец август 2024 година, или ние како ново раководство сме потрошиле околу 1,8 милиони денари или околу 29.000 евра.
Е сега, за да работата биде уште поиронична, јас најодговорно тврдам, а сето тоа се случуваше на очиглед на целата македонска јавност дека нашите вработени од ЈП „Македонски Шуми” беа присутни не само на шумските 123, туку безмалку на сите 938 пожари, секојдневно, стотици наши вработени со десетици наши возила, механизација, дење и ноќе, на празник и делник, преку недела и за викенд во месец август 2024 година за разлика од присуството на наши вработени на само оние 37 пожари кои ги имало во август 2023 година.
Ова се бројки за вкупна месечна потрошувачка на гориво во ЈП „Македонски Шуми” и не само во однос на пожарите, туку и во однос на сите останати параметри, ситуацијата е слична.
Е сега, се сеќавате дека вчера напишав дека во месец јули со само 6 пожари, претходното раководство потрошило околу 75.000 евра, а ние како ново за 55 шумски и за останатите 720 на отворено сме потрошиле околу 25 илјади евра.
Следствено на ова што го пишав вчера и денес, нашите претходници за месеците јули и август во 2023 година заедно потрошиле преку 150.000 евра за гориво за само 43 пожари, а ние како ново раководство во месеците јули и август 2024 година сме потрошиле околу 50.000 илјади евра за 178 шумски и 1525 пожари на отворено.
Разликата не е голема, разликата е огромна по сите параметри.
За овие огромни потрошувачки на гориво кои се правени не само во овие претходни два месеци, туку и во останатиот претходен период, некој ќе мора добро да објасни каде и зошто потрошил толку гориво и што всушност во реалноста сработиле со толку гориво, дали го пиеле, дали се бањале со него или едноставно го краделе“, објави тој.