Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900 –1994) во својата книга од 1938 година пишува дека наци-фашистичкиот режим на диктаторот Јоанис Метаксас во Грција систематски ги прогонува тамошните Македонци.

Сведоштво и документи за тоа пренесуваме од страницата Фејсбук на која се објавуваат документи од историјата на Македонија:

НОВИНАРОТ БЕРТ БИРТЛС ВО 1938: „ГРЦИЈА ПОСТОЈАНО ГИ ПРОГОНУВА МАКЕДОНЦИТЕ“

Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900 –1994) во својата книга од 1938 година пишува дека наци-фашистичкиот режим на диктаторот Јоанис Мекатсас во Грција систeмaтски ги прогонува тамошните Македонци.

Биртлс го споредува тоа што германските нацисти им го правеле на Евреите, со односот на грчките наци-фашисти кон Македонците. Неговиот заклучок гласи – Грција има свој посебен вид шовинизам.

Тој бил дописник на неколку весници – „Дејли телеграф“, „Сан“ и „Сандеј телеграф“, а заедно со својата сопруга Дора, престојувал една година во Грција. И двајцата патувале низ целата земја, истражувајќи ја политичката ситуација. Биле сведоци на политичките борби, како и на прогонот и тортурата врз илјадници луѓе, меѓу кои и Македонците, во злогласните логори на островите Гавдос, Анафи и други. Прогонот на Македонците во Грција го споредил со тој кон Евреите. Биртлс пишува:

„И не само што преку својата изопачена нечовечност, грчката диктатура го имитира германскиот и италијанскиот модел, таа веќе има развиено свој посебен бренд на шовинизам.

Ако Грција нема Еврејски проблем, таа ги има Македонците. Во име на „хеленизацијата“, според наводите, грчките власти постојано ги прогонуваат овие луѓе и ги апсат поради најнечуени причини. За да всади во нив соодветен [грчки] националистички дух, Метаксас го употребува методот со менување на изворните, македонски имиња на местата во грчки и преку забранување [кон Македонците] да го употребуваат својот мајчин [македонски] јазик.

А, доколку покажат и најмал отпор спрема овој указ – бидејќи и тоа се смета за закана за безбедноста на државата, селаните Македонци се прогонувани без судење. Навистина, има многу малку политички затвореници, без разлика дали Македонци или Грци, кои се формално обвинети за некакво кривично дело. Насекаде во очите на фашистите почитувањето на законите и правдата е болест на либерализмот; така е и во Грција“.

ИЗВОР: Bert Birtles, “Exiles in thе Aegean, A Personal Narrative of Greek Politics and Travel,” Victor Gollancz Ltd., London, 1938, pgs. 367-368. ——-/