Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, ќе учествува на 13. Европска ноќ на литературата што ќе се одржи вечер во бугарскиот главен град, со презентација на книгата „Исти очи“ од македонскиот писател Горјан Петревски. Книгата на Петревски во Бугарија излезе од печат годинава, како издание на издавачката куќа „Изида“.

Како што соопштија од Културно-информативниот центар (КИЦ), на 13. издание на настанот посветен на европската книжевност, ќе се читаат литературни дела во десет градови во Бугарија во нетипични пространства за литературата. Настанот во Софија ќе се одржи меѓу 18:00 и 21:30 часот на локации за читање (читателски гнезда) и во рок од три и половина часа ќе читаат актери, новинари, преведувачи, музичари, автори. Извадоци од книгата „Исти очи“ посетителите во македонското читателско гнездо ќе имаат можност да слушнат од актерот и режисер Ѓорѓи Георгиев – Антика и актерот Игор Дамјанов, кои ќе се погрижат и за забавната и возбудлива атмосфера, наведуваат од КИЦ.

Македонското читателско гнездо (ул. „6-ти септември“ 8) е дел од мрежата на блиски локации за читање, каде ќе бидат претставени 19 книги од 19 земји. Извадоци од книгите се избираат од амбасадите и културните институти на европските земји, а публиката може да креира сопствена маршрута според нивните лични преференции за европските јазици, писатели, читатели или локациите каде што се одржува настанот.

– Авторите од чии книги ќе слушнеме извадоци годинава се: Умберто Еко, проф. д-р Божидар Манов, Софи Рајер, Колм Тоибин, Горјан Петревски, Анелиз Вербеке, Дагмар Лојполд, Жозе Родригеш душ Сантуш, Петер Хјог, Ана Волц, Горан Војнович, Костас Маврудис и Урсула Фосколу, Хуан Хозе Милјас и Хуан Луис Арзуага, Елеонор Катон, Павел Хуле, Викторија Амелина, Атила Бартиш, Мирженка Чехова и Етјен Барилие. Тројца од нив – Божидар Манов, Дагмар Лојполд и Горјан Петревски – ќе бидат лично на читањата.

„Ноќ на литературата“ е иницијатива на чешките центри низ светот и има за цел да ја популаризира современата европска поезија и проза преку нестандардни читања на извадоци од преведени книги на нетипични и неочекувани места. Во Бугарија се одржува од 2012 година.

Организатори на тринаесеттото издание на „Ноќ на литературата“ се општина Софија, ЕУНИК, Фондацијата „Читај Софија“, Австриска амбасада Софија, Амбасада на Белгија, Гете-институт Бугарија, Амбасада на Грција во Софија, Амбасада на Данска во Бугарија, Амбасада на Ирска, Институт Сервантес-Софија, Италијански културен институт, Британски совет Бугарија, Полски институт во Софија, Институт Камоиш Софија, Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија и Амбасада на Република Македонија, Амбасада на Словенија во Софија, Амбасада на Украина, Институт Лист – Унгарски културен институт, Софија, Чешки центар Софија, Амбасада на Швајцарија во Бугарија, Фондација „Детски книги“, наведуваат од Културно-информативен центар на Република Северна Македонија  во Софија.

Фото: Плакат/Корица