„Вреди“ ја одби поканата на Али Ахмети за да преминат во опозицискиот табор со Европскиот фронт. И премиерот Мицкоски и министерот Таравари едногласни со порака дека ДУИ се навикнуваат на опозиција, откако самите кажаа дека не се заинтересирани да станат дел од власта бидејќи не биле резервна гума.. Овие одговори ги дадоа ден по повиците на лидерите од фронтот кои ги поканија нивните опоненти, како што рекоа, заеднички да му ги исцртаат црвените линии на премиерот Мицкоски.

„ДУИ полека, но сигурно, се навикнува да биде во опозиција. Жалам што Али ги споредува својата партија и членовите со гума за спасување, очекував поголема креативност. Им посакувам опозициски денови во кои ќе се реформираат, ќе може да го пронајдат својот програмски идентитет, кадровски да се реформираат со нови свежи кадри, па можеби на некои следни избори ќе се појават со поинаков пристап од оној што го гледавме повеќе од 20 години.“

„Ахмети полека се навикнува да биде во опозиција, се надевам дека ќе се навикне уште подобро, само треба адаптација, ништо друго.“

По тврдењата дека планот на ДУИ е да протестираат, но не и да ја дестабилизираат државата, премиерот вели дека нивните првични обиди се осуетени и сега ја омекнале реториката. Мицкоски го искоментира и тоа што Ахмети повторно повикува да се спроведе ветинг на функционерите.

„Ја мислев дека со одењето на ДУИ во опозиција таков вид на сатира и хумор е завршен. Но, тие еве продолжуваат и понатаму. Ќе слушаме во периодот што следи ваков вид на сатира и хумор, па ќе видиме до каде ќе стигнат како политичка партија.“

Да го спроведеме, па да ги видиме резултатите- возврати Ахмети за ветингот, кој вели дека е предложен во Собрание пред 4 години и во него е предвиден мониторинг од Брисел и Вашингтон.

„Да го пробаме хуморот да видиме како ќе испадне. Ајде да видиме како ќе оди расположението. Овде не снимам холивудски филмови и не сум холивудски сценарист. Тие нека нарачаат, ние ќе направиме сѐ.“ Од ДУИ веќе најавија дека нивните забелешки кон власта ќе ги нотираат секојдневно преку медиумите, потоа ќе излезат на терен меѓу членството, а на крај очекуваат да се мобилизираат и кон средината на ноември да излезат на протести.