Непријатно ми е да објаснувам дека водата е водлеста, воздухот е безбоен, а со оваа кривична пријава од Министерството за внатрешни работи ситуацијата е ваква, рече денеска градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски на прес-конференција во општината. Тој истакна дека кривичната пријава против него и вработени во општината е политички прогон.

МВР вчера им пушти кривична пријава во ЈО за злоупотреба на службената должност дека незаконски ги легализирале тениските терени на хотелот Александар Палас, со што му овозможиле на сопственикот бесправно да се стекне со милионска корист.

– Фершпед го има Александар палас, а Апександар палас има спортски терени кои ги користи 30 години. Што направила Општина Карпош? Ги легализирала спортските терени кои ги користи Александар палас 30 години. Она што е интересно е што законот вели „се легализира сè она за што се издава одобрение за градба“. Спортските терени имаат издадено одобрение за градба во 1999 година, од Влада на ВМРО-ДПМНЕ и еве ја комплетната скица. Друго, битно е што овие објекти се сопственост на Александар палас или Фершпед, меѓутоа тие се сопственост со незапишани права во Катастарот, бидејќи тогаш овие одобренија за градби не се запишувале во Катастарот – рече Јакомовски.

Одлучиле да ја впишат во Катастар користејќи го Законот за легализација донесен во 2016 година и покренале постапка за легализација, додаде тој. Тогаш се платени комуналии за овие објекти и Општината повторно им наплатила за легализацијата 170.000 евра комуналии.

– Она што е битно е што земјиштето не е државно, туку е дадено на користење од страна на државата, повторно, со надомест и од страна на ВМРО-ДПМНЕ. МВР тврди дека објектите се времени, јас морам да ви кажам дека слабо ја познаваат оваа материја, јас морам да ви кажам дека објектите ако се времени овде треба да стои „решение за поставување на времен објект“. Второ, да ми кажат кој Цацко ги тераше да бараат одобрение за градба на тениските терени покрај Вардар и Александар палас? Еве Општина Карпош им има издадено одобрение, ги градеше Владата на Груевски. Овие објекти не се времени, туку за нив се издава одобрение за градба.
Кога ние предметите ги предаваме во Катастар предметот го гледаат геодет и правник, каде имаат одлични правници и ако каков било предмет има проблем тие го враќаат. Град Скопје исто пресметува комуналии и ќе сигнализира доколку има проблем – рече Јакимоввски.

Тој тврди дека постапката е спроведена согласно сите законски прописи и според него, „ова е еден обичен обид политички да го нападнат пред локалните избори“.