Прометот во градежништвото во ЕУ во август 2024 година во споредба со истиот месец лани бележи пад од 2,4 отсто, додека во рамки на Еврозоната тој е намален за 2,5 проценти, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.

На месечно ниво (август – јули 2024) градежништвото бележи раст од 0,4 отсто во ЕУ и зголемување од 0,1 проценти во Еврозоната.

По сектори, на годишно ниво во август годинава во ЕУ се бележи пад од 2,5 проценти на изградбата на објекти, намалување за 3,9 отсто во нискоградбата и за 2,7 проценти кај специјализираните градежни дејности.

Кога станува збор пак за Еврозоната, таму се бележи годишен пад од 2,1 отсто во изградбата на објекти, од 3,2 проценти во нискоградба и од 3,0 отсто во специјализираните градежни дејности.

Меѓу земјите членки на ЕУ за кои има достапни податоци, најголемо годишно намалување на прометот во градежништвото е забележано во Словенија од 17,1 отсто, во Словачка од 10,9 и во Унгарија од 6,0 проценти. Од друга страна најголем годишен раст бележани градежништвото во Бугарија и тоа од 5,5 отсто, пред Холандија со 2,5 и Португалија со 2,0 проценти.

Прометот во градежништвото во ЕУ по сектори во август 2024 споредено со претходниот месец бележи раст од 1,8 отсто за изградбата на објекти и 0,4 проценти во специјализирани градежни дејности, но и намалување од 2,1 отсто во нискоградбата.

Во Еврозоната, пак, на месечно ниво се бележи раст на прометот од 0,9 отсто за изградбата на објекти и 0,3 проценти во специјализирани градежни дејности, како и намалување од 2,1 отсто во нискоградбата.

Меѓу земјите членки, најголем раст на градежништвото на месечно ниво има во Шведска од 7,2 отсто, пред Холандија со 6,3 и Романија со 4,7 проценти. Словачка од друга страна е „лидер“ во падот на градежниот промет со 4,3 проценти, пред Белгија со 3,2 и Словенија со 3,1 отсто.