Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а според пишувањата на дел од медиумите, тоа ќе го стори и градоначалникот на Карпош.
Ваквиот потег го најави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во објава на Фејсбук каде наведе дека ќе спреми и официјален допис до ЗЕЛС.
– ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица. Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е.
Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа, напиша Костадинов.
Претходно, во објава на Фејсбук, Костадинов напиша дека одговорно тврди дека водата во Струмица е исправна и посочи дека се врши притисок од страна на министерот за земјоделство врз инспектори и вработени во Институтот за јавно здравје за да не ги кажуваат јавно резултатите.
– Борбата против Струмица продолжува, чекаа, калкулираа и денес преку медиуми се научивме дека не ни даваат решение за водата. Одговорно тврдам, а потврда за тоа ќе бидат резултатите кои утре повторно ќе бидат објавени, дека водата е исправна и хемиско физичкиот состав и микробиолошки. Решивте на грбот на народот да правите политика, скапо ќе плати некој за оваа фашистичка операција врз Струмица и струмичани. Наскоро вистината и за водата но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во ИЈЗ само да не се кажуваат јавно резултатите оти истите не се во прилог на политиката на Цветан Трипуновски, стои во вчерашната објава.
И градоначалникот на скопската општина Карпош, Стефче Јакимовски, вчеравечер најави дека ќе му се придружи на Костадинов и на Општина Струмица во најавата да ја напуштат ЗЕЛС.
-И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава, вели Јакимовски.