Бројот на жртвите од поплавите во источниот шпански регион Валенсија се зголеми на најмалку 63 лица, соопштија денеска локалните власти.

Службите за вонредни состојби во Валенсија го потврдија бројот на жртвите, објавија американските медиуми.

Поплавите ги претворија селските улици во реки и го прекинаа железничкиот и патниот сообраќај во регионот во оваа најголема природна катастрофа во земјата во последно време.

Невремето вчера предизвика поплави во поголемиот дел од јужна и источна Шпанија, со поројни води, измешани со кал, кои се движеа низ улиците со застрашувачка брзина.

Полицијата и итните служби користеа хеликоптери за да ги спасат луѓето од нивните домови и автомобили.

Властите синоќа пријавија неколку исчезнати лица, но утрово ја донесе шокантната вест за десетици загинати во поплавите.

Повеќе од 1.000 војници од шпанските единици за одговор при итни случаи се распоредени во погодените области.

-Вчера беше најлошиот ден во мојот живот, изјави за националната телевизија RTVE градоначалникот на градот Утиел во Валенсија, Рикардо Габалдон.

Тој рече дека неколку лица во тој град се уште се водат како исчезнати.

-Бевме заробени како стаорци. Водата носеше автомобили и контејнери за ѓубре низ улиците. Нивото на водата се зголеми на три метри, рече Габалдон.

Брзиот воз со речиси 300 луѓе излета од шините поради поплавите во близина на Малага, а железничките власти соопштија дека нема повредени. Брзите возови меѓу Валенсија и Мадрид беа прекинати, а беа суспендирани и неколку приградски линии.

Регионалниот претседател на Валенсија, Карлос Мазон, ги повика луѓето да останат дома за да не ги попречуваат спасувачките напори, бидејќи патиштата се отежнати за возење поради паднатите дрвја и уништените возила.

Шпанската влада формираше кризен комитет за да помогне во координирањето на спасувачките напори.

Дождот доцна утринава престана во Валенсија, но се прогнозира дека невремето ќе трае до четврток, соопшти шпанската национална метеоролошка служба.

фото:ЕПА