Генералниот директор на Гугл, Сундар Пичај синоќа беше сослушан пред Комитетот за правда на американскиот Конгрес при што одговори на повеќе прашања поврзани со транспаретноста и одговорноста на интернет пребарувачот.

Директорот на Гугл одговараше и зошто пребарувачот покажува фотографии од Доналд Трамп кога се пребарува зборот „идиот“, и за политичките пристрасности на компанијата во однос на републиканците.

Сослушувањето во Конгресот беше со цел да се открие како работи пребарувачот, како се собираат, чуваат и користат податоците, и како тие потоа се шират низ мрежата. Од сослушувањето се дозна дека Гугл има намера да пушти во употреба цензурирана верзија на пребарувачот во Кина.

-Сите тие теми, како конкуренција, цензура, пристрасност, се сведуваат на фундаменталното прашање важно за нацијата: Дали американските технолошки компании се користат како инструменти на слободата или контролата, изјави републиканскиот конгресмен Кевин Макарти.

Тој побара отчетност од пребарувачот со зборовите: „Земајќи предвид дека слободниот свет зависи од слободата на интернетот, ние треба да знаеме дека Гугл е на страната на слободниот свет“.

На прашањата од конгресемените Пичај одговараше воздржано, а на некои и воопшто не одговори.

Имаше жешки прашања како тоа дали компанијата ги следи и блокира лажните профили, таканаречените „ботови“, кои во авторитарните земји, како Русија, ги насочуваат содржините на Јутјуб во полза на власта или на државните медиуми.

-Зошто денеска една видео содржина добива стотина допаѓања, а веќе утреденета истата добила десетици илјади не допаѓања, праша еден од конгресмените.

На некои од овие прашања генералниот директор на Гугл одговараше со општи фрази.

-Нашите корисници добиваат најдобар сервис и најрелевантна информација, укажа Пичај. Информациите за кинеска верзија на цензуриран пребарувач тој ги нарече „гласини“.

-Ако го ставам зборот „идиот“ во секцијата за слики на пребарувачот, се појавуват фотографии од Доналд Трамп. Еве тоа сега и го направив, како е можно ова, праша Зои Лофгрен, конгресменка од демократите.

Директорот на компанијата укажа дека не постојат никакви манипулации со резултатот од пребарувањето на Гугл, дека „она што корисниците и медиумите најчесто го пишуваат, тоа и се појавува во пребарувачот“.

Конгресменот Тед Лиу беше еден од ретките кои се ставија во одбрана на корпорацијата.

-Ако сакате позитивни резултати во пребарувачот тогаш правете позитивни работи. Ако не сакате негативни пребарувачки резултати, не правете ништо лошо… Ако добивате негативни содржини во медиумите или во резултатите на пребарувачот, не ги обвинувајте Гугл, Фејсбук или Твитер, туку себе си, изјави конгресменот.

Сослушување со учество на раководителите на Алфабет и Гугл требаше да се случи уште во септември, кога на прашања на конгресмените тогаш одговараа Шерил Сендберг и Џек Дорси од Фејсбук и Твитер. Иако беа очекувани во Конгресот, ниту Лари Пејџ ниту Сундар Пичај од Гугл тогаш не отпатуваа за Вашингтон.