Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец присуствуваше на брифинг на кој беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во рамките на Армијата.
На брифингот присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорката на САД во нашата земја, Ангела Агелер и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Набавката на овие оклопни возила е во рамките на процесот за модернизација на Армијата и согласно плановите првите возила од овој тип треба да пристигнат во нашата држава следната година.
На овој брифинг му претходеше еднонеделна заедничка работилница на припадници на Армијата со Институтот за безбедносно управување, Националната гарда од Вермонт и 4та Бригада за асистенција во безбедноста од САД.
Денеска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Лафчиски, амбасадорката на САД, Анџела Агелер и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, присуствувавме на брифинг на кој беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во Армијата, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски.
-Во Армијата се прават подготовки за прием на оклопните возила од типот Stryker. Согласно плановите првите возила од овој тип треба да пристигнат во Македонија следната година.
Благодарност до нашиот стратешки партнер и сојузник, САД, за досегашната поддршка во процесот на модернизација на Армијата, напиша тој на Фејсбук.