Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски пристигна во Приштина каде денеска заедничка седница имаат двете влади по што ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.
По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери, а во моментот се одржува меѓувладината седница, јави известувачот на МИА од Приштина.
По седницата, ќе бидат потпишани три документи, односно меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто ќе се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово- Македонија.
Вториот е Информација за склучување на протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ што ќе се потпише е Меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.
Во 13:45 часот се очекува двјацата премиери да одржат заедничка прес-конференција.
Фото: МИА