Адвокатот на Влатко Кешишев денеска побара појаснување за изјавата што обвинетиот Кешишев ја достави до судот на претходното рочиште. Денеска Кешишев рече дека првообвинетиот Љупчо Палевски му ја дал изјавата додека биле сами во полициско возило и му рекол да ја препише и да ја потпише.
– Изјавата не е моја, ми беше даден лист да препишам и да го потпишам – рече Кешишев.
– Кој ви го даде? – праша адвокатот.
– Палчо – рече Кешишев.
– Зошто напишавте? – праша адвокатот.
– Од страв од Палчо – рече Кешишев.
Тој објасни дека Палчо му го дал листот при транспортот од суд.
– Сами ве пренесуваа, заедно? – праша адвокатот.
– Два пати бевме заедно во комбето – рече Кешишев.
Судијата Ивица Стефановски му рече на Кешишев дека ова ќе може да го каже подоцна при својата одбрана.
Обвинетиот Влатко Кешишев на рочиштето одржано на 20 ноември ја повлече изјавата дека Љупчо Палевски бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Кешишев во изјавата која ја достави преку затворот до судот наведе дека Велибор Манев им вршел притисок да кажат дека Палчо е организатор и дека тој пукал. Манев наводно им се заканил на него и на Боре дека ќе ги здробат ако не кажат така.