Претседателката повеќе да се ангажира во областите кои се во нејзина надлежност како што се безбедносните служби – тоа денеска го побарал лидерот на опозицијата од шефицата на државата.
Венко Филипче ѝ ја пренел загриженоста на Гордана Сиљановска-Давкова за случувањата во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и укажал дека таа треба да интервенира.
„Изразив загриженост и укажав дека таа треба да интервенира за некои работи кои се во незјини ингеренции како партизација на безбедносните институции, или ризикот од спојувањето на двете разузнавачки служби АНБ и Агенцијата за разузнавање и лошото искуство со една гломазна паризирана служба. Ние ги имаме реформирано тие служби, а сега АНБ се партизира“, вели Филипче.
Средбата која траеше час и половина во кабинетот на Сиљановска-Давкова била на барање на Филипче, и на неа се зборувало и за блокираните европски интеграции поради неспроведувањето на уставните измени за кои новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ турка иницијатива да бидат со одложено дејство.
„Такво нешто беше пробано и во минатото, но не помина во Софија“, вели првиот човек на социјалдемократите.
„Ќе ја поддржиме подобрена позиција која Владата ќе ја обезбеди. Ја информирав претседателката дека во времето на владеење на СДСМ имало обиди за предлог за уставни измени со одложено дејство, но тогаш бугарската страна под премиерот Петков тоа не го прифати“, рече тој.
На средбата која, како што изјави лидерот на опозицијата поминала во конструктивна атмосфера, претседателката ги забележала сугестиите и укажувањата на нејзиниот соговорник.