Претседателот на Украина Володимир Зеленски најави воведување санкции како одговор на дејствијата на актуелната грузиска влада.

Во своето вечерно обраќање, Зеленски го осуди однесувањето на грузиската влада, обвинувајќи ја дека „ја турка земјата во очигледна зависност од Русија“ и дека стои против интересите на нејзиниот народ, објави „Европска правда“.

Зеленски истакна дека однесувањето на грузиските власти е „срамно“ и нагласи дека кога Москва ја фали таа влада, јасно е за кого работи во моментов.

Тој додаде дека во моментов „протестите се прекинуваат“ во Тбилиси и дека тоа не е во интерес на Грузија.

Во таа насока, претседателот на Украина најави дека ќе преземе конкретни чекори заедно со меѓународните партнери.

„Наредив подготовка на релевантни одлуки за санкциите“, рече Зеленски.

Речиси една недела траат протестите во Грузија, откако премиерот на таа земја Иракли Кобахидзе најави дека прашањето за преговорите за влез во Европската унија ќе се одложи до 2028 година.

Балтичките земји веќе најавија санкции против грузиските функционери кои учествуваа во насилното задушување на протестите, меѓу кои и поранешниот премиер Биџин Иванишвили, пренесува Танјуг.