Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска изјави дека не останува уште многу до крајот на конфликтот во Украина.

Кадиров во разговор со граѓаните рече оти е сигурен дека нема долго до завршување на војната, иако секогаш има луѓе кои имаат интерес војната да продолжи за да заработат.

„Ако ме прашувате мене, не сакам оваа војна да заврши додека овие луѓе се уште се тука“, рече Кадиров, пренесе РИА Новости.

Тој го повика и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, „да му докаже на светот дека е маж“ и да го исполни своето ветување дека ќе го запре конфликтот во Украина со суспендирање на финансиската помош за Киев.

Минатиот јануари Трамп рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина за 24 часа.

Во мај оваа година тој повторно вети дека доколку се врати во Белата куќа ќе постигне крај на конфликтот меѓу Русија и Украина.

„Тој (Трамп) нема да може да ја запре војната за 24 часа, таа не е во негови раце. Тој може да го прекине финансирањето од неговата земја и неговите европски кучиња, а потоа, можеби, претседателот (Владимир) Путин ќе го има последниот збор. И затоа, мислам дека ако е маж, тогаш тоа треба да му го докаже на целиот свет“, рече Кадиров.

Тој во разговор со граѓани изјави и дека украинско беспилотно летало денеска удрило во зградата на специјалниот полициски полк „Ахмат Кадиров“ во центарот на Грозни и дека има повредени цивили.

„Денеска беспилотно летало го погоди центарот на градот. Уништен е покривот на еден полк… Повредени се цивили“, рече Кадиров. Кадиров не соопшти повеќе детали за повредените.