НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во заседа од бугарската полиција загина Парапунов, кој прв ја почна борбата против фашизмот на Балканот

/ 09.12.2024

На 9 декември 1943 година кај селото Бараково, Горноџумајско, во борбата против полициска заседа загинал македонскиот револуционер, Никола Парапунов.

Парапунов на 26 јуни 1941 година во околината на Разлог во Пиринска Македонија, ја формирал првата партизанска чета на територијата на тогашна царска Бугарија, која била во сојуз со тогаш хитлеровска фашистичка Германија. Првата антифашистичка вооружена акција на Балканот се случила во Пиринска Македонија.

Организаторот на првото антифашистичко движење во Царска Бугарија, македонскиот револуционер Парапунов е роден во Разлог на 1 јули 1909 година, во семејство на шивачки работник. Во 1924 година се запишал на градежна насока во средното техничко училиште во Софија, а по завршувањето работел во родниот град и соработувал со тогашната ВМРО (Обединета).

Во 1931 година станал член на Бугарската комунистичка партија, во 1932 и член на окружното раководство на БКП во Петрич. Поради своето делување како комунист бил уапсен и осуден на казна затвор каде минал од 1933 до 1941 година. По излегувањето од затвор, преминал во илегала и на 26 јуни 1941 година ја формирал разлошката чета, првата вооружена партизанска формација во Пиринска Македонија.

Така Пиринска Македонија, како дел од Царството Бугарија, најрано го крева својот глас за ослободување и обединување на Македонија. На територијата на Пиринска Македонија уште во 1941 година се формираат партизански одреди под водството на Парапунов, а токму во Пиринска Македонија ќе се одигра и првата вооружена борба против бугарската фашистичка војска и воопшто првата вооружена битка против фашистичките окупациски војски на Балканот.

На почетокот од 1943 година Парапунов станал член на ЦК на БКП, но на крајот од истата година загинува кај месноста Сува Чешма, во близина на Горноџумајското село Бараково, во борба откако се нашле во полициска заседа на бугарските сили.

Никола Парапунов – Владо е македонски револуционер, истакнат организатор и раководител на партизанското антифашистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија, кој од бугарските власти во 1933 година бил осуден на 15 години затвор. Тој и во затворот раководел кружоци и предавања за националното прашање, посебно за македонското. Бил командир на Разлошката чета и командир на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона. Се залагал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија.

По основањето на Отечествениот фронт во 1942 година, Никола Парапунов работел за развој на неговите структури во Пиринска Македонија. Тој бил секретар на Окружниот комитет на БКП и на IV востаничка оперативна зона.

Но, дошол во судир со ЦК на БКП за прашањето за оружената борба, зашто се застапувал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија и нејзино обединување.

По смртта на Никола Парапунов Разлошкиот партизански одред го носи неговото име, а македонскиот народен пејач ја испеал песната „Имала мајка едно ми чедо“:

Имала мајка едно ми чедо

едно ми чедо Никола.

Очите ѕвезди, лице трендафил,

левенто чедо крилато.

 

Ееееј Никола,

ееееј јунак пирински.

 

Му здодеало од чорбаџии,

од клето ропство фашистко.

Тргнал Никола в бој да се бие

за наша мајка Македонија.

 

Ееееј Никола,

ееееј јунак пирински.

 

Дигнал ми глава херој Никола

за правда и за слобода.

Тргнал Никола в бој да се бие

за наша мајка Македонија.

 

Ееееј Никола,

ееееј јунак пирински.

(Фотографии: Музејот на македонската борба во Скопје, портрет на Никола Парапунов и восочната фигура на Парапунов во Музејот на македонската борба)

(Подготви: Д.Г.)


Од истата категорија