Два жолти картони од САД за ДУИ, двапати Ахмети не реагира на нив. Ова е констатацијата на двете „нереакции“ на ДУИ на ставањето на Црна листа на Стејт Департментот на нивни високи функционери.
Истото што се случи со Груби, се случи и со Мерко пред година и половина, кога во јуни 2023 година САД го смести Рамиз на листата на санкции, со образложение дека додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Македонија.
И тогаш, изостана очекуваното од Ахмети, да го казни, санкционира и исклучи Мерко од партијата. Нешто што, иако очекувано, не се случи. Прва „контра“ и „иле“ на Алија против Американците. Рамиз не беше ни разрешен од членство во партиските органи. Тогаш ДУИ беа на власт, па следствено на праксата – гласот за криминалите на Мерко не ни стаса до Јавното обвинителство, кое сега апансас се разбуди по прозивките на Агелер и јавноста. А, битно е и што ДУИ/СДСМ не се на власт, нели?
Тогаш, по цела една недела од објавата за црните листи, Мерко срочи: „Од претседателот Вилсон па сѐ до ден-денес, САД се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, порача тогаш Мерко и вети дека ќе биде отворен за органите на правдата и за сите други институции. И се повлече, сам…
Ахмети не презеде ништо, остави Мерко самиот да го направи, не го ни искара јавно, исто како и со Груби, кој пак беше пет дена побрз од Мерко и втор ден по ставањето на Црна листа соопшти дека иако бил „чист како солза“ се повлекува од партиските функции и јавниот живот:
„Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети.“
Повторно, истиот тој фален од Груби Ахмети не стори ништо по јавната шлаканица од САД со ставањето висок функционер на ДУИ на Црна листа за криминал и корупција. Со таа разлика што сега ДУИ не е на власт, па ќе следи и логичен кривичен прогон на Груби, најавен од првиот човек на ЈО, Коцевски, кој пустиот се најде во небрано, па по „аберот кој пристигна од Вашингтон“ и јавните прозивки мораше да преземе нешто. Можеби ќе се сети и на Мерко и на Анѓушев од првата тура црни листи?
Како и да е, ова се два жолти картони и две нереакции за Ахмети, кој два пати не реагираше на укажувањето на како што самите велат „најголемиот и најважен стартешки партнер на Албанците, САД“.
Во спортот, по два жолти картони следува црвен и исклучување.
Ќе го следи ли ова правило и политиката?
Извор: Курир