Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со американската црна листа на која се ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, рече дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со овој случај, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата.

-Соединетите Aмерикански Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство, рече Рокас.

Тој додаде дека ЕУ има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.

-Тука можам да ја споменам оценската мисија на ЕУ, која што издаде 40 препораки за судството во С. Македонија, така што мислам дека најважно е судството да стане независно тело. Професионално и независно судство останува клучен приоритет за идниот интегративен процес на С. Македонија во ЕУ. Со постоење на независно судство, ќе се зголеми довербата во општеството и се надеваме дека ова ќе се случи многу поскоро, додаде Рокас.

Прашан за претресите кои се случуваат во Судскиот совет, Рокас рече дека Јавното обвинителство треба да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција.

-Мислам дека канцеларијата на Јавното обвинителство секогаш треба да ја има можноста да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција. Без разлика дали станува збор за индивидуални или општи акти, во едно демократско општество на Јавното обвинителство треба да му бидат ставени на располагање сите механизми за да може да изврши истрага за можна корупција, додаде Рокас.

Евроамбасадорот денеска е во посета на Тетово.

Фото: МИА Архива