Веќе разбиениот Европски фронт на чело со нон грата партијата ДУИ, исполнет со луѓе од црни листи, нема кредибилитет да зборува за прашања кои ги засегаат Албанците. Тие се разобличени и изложени пред очите на албанскиот народ, соопшти коалицијата Вреди.

„Дојди и соочи се, Артан! Албанците не се научени да бегаат. Албанците, кога се во право, се соочуваат со крената глава и не се плашат. Не ги посрамотувај Албанците, не ги користи како штит за твоите криминални дела!“, соопшти Вреди.

Коалицијата Вреди, се додава во соопштението, одамна предупредува дека ДУИ е партија заробена од криминални структури, предводени од Артан Груби.

„ДУИ не може да повикува на заштита на знамето, јазикот и на Албанците, бидејќи сега е партија без кредибилитет и без сила да ги заштити Албанците. Не можеш секој ден да зборуваш за заштита на правата на Албанците, а во моментот кога ќе бидеш повикан да понесеш одговорност – да побегнеш“, се вели во соопштението.

Артан Груби, Прпарим Бајрами и нивната клика, се додава, се вистинското лице на криминалот и корупцијата.

„Правната држава се консолидира и никој нема да избега од правдата. Ќе се открие целосната вистина за злоупотребите во Државната лотарија. Тие што украле и го прекршиле законот ќе одговараат. Коалицијата Вреди е цврсто решена да донесе транспарентност, одговорност и да ги заштити интересите на граѓаните. Ние нема да застанеме пред политиките на манипулација и страв, бидејќи иднината на Албанците не смее да остане заложник на криминалот и корупцијата. Никој не е над законот“, порача владејачката коалиција.