„Чупеска да ги симне розевите очила за да ја види реалноста, нема повеќе место за криминалци во политиката, време е за одговорност и ЗА посветеност, нешто што беше реткост да се види изминатите години“.

Ова се наведува во соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на изјавата на потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, дека во случајот со заминувањето на Артан Груби во Косово, можеби партијата ВМРО-ДПМНЕ работи за Груби, односно му направила некаква услуга тој да избега надвор од границите.

„Ана Чупеска, потпретседателката на СДСМ, да се соземе и наместо политикантство, празни зборови и теории да ги симне розовите очила и да ја погледне реалноста. Чупеска и СДСМ да се разбудат и да почнат да се консолидираат за да не се чудат на прашањата зошто би ги изгубиле локалните избори. Чупеска и СДСМ да не ја манипулираат јавноста со евтини трикови од типот на ‘имаме сомнежи за бегството на Груби’, туку да кажат дали го поддржуваат бегството на Груби“, се потенцира во соопштението на партијата.

Чупеска, се истакнува во соопштението, не го осуди и не го повика Груби да се врати за да се соочи со правдата.

„Чупеска, наместо да прашува новинари дали се од обвинителство, да каже зошто СДСМ не го повика Груби да се врати и да го осуди неговото бегство. Чупеска, СДСМ и ДУИ немаат право да зборуваат за безбедноста затоа што 7 години беа заштитници на криминалот и на криминалните банди. Улиците низ Скопје – во време на СДСМ, ДУИ и Оливер Спасовски- беа како Дивиот Запад, убиства и мафијашки престрелки имаше на сред ден“, се додава во соопштението.

Со СДСМ и со ДУИ денот почнуваше со скандал и со криминал, се вели во соопштението, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на заштита на стабилноста, безбедноста, и на достоинството на граѓаните.

„МВР за 24 часа покажа дека работи повеќе отколку СДСМ и ДУИ за 7 години. Доказ за тоа се 3-те обемни акции, сузбивањето на 18-члена криминална група за трговија и оружје, уапсени лица за тероризам, кривични пријави и претреси за повеќе кривични дела. Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, одговара на сите безбедносни ризици и најави бескрупулозна борба со криминалот и со корупцијата. Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, демонстрира одговорност и посветеност, нешто што беше реткост да се види во изминатите години. Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, останува посветена на заштита на стабилноста, безбедноста, мирот, и на достоинството на граѓаните“, се потенцира во соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
818