Семејниот лекар Драган Ѓоргиевски се соочил со неможност да изврши упатување за снимање на рентген на пациент, и покрај тоа што ги проверил сите скопски државни поликлиники. Еве што вели тој на „Фејсбук“ за денешниот ден:

„Една констатација за денешниот работен ден. Преполни амбуланти со пациенти болни од грип, а богами и со бактерии, бронхитис и пневмонии. И гледај, имаш наод на слушалка, имаш влошена лабораторија за клиничка слика и нели по правилници за пневмонија и за боледување е потребно рентген наод. И почнувам од најблиската поликлиника Јане Санданскки (рентген апаратот не работел). Клиника за радиологија ги блокирала итните упати. Инаку пневмонии и плеврални изливи се итни состојби. ГОБ 8 Септември исто. Ги проверив сите поликлиники, Идадија, Букурешт, Чаир, Битпазар и итен упат не дозволи. Единствено даде во Ѓорче Петров и гледај чудо, не работеле со итни упати, имале гужва. Е па и матичните имаат гужва. Јас денеска 90 луѓе прегледав во една смена и никој не ме праша дали сум имал гужва. Е па нека ми објасни некој каде во градот Скопје на државно да се направи рентген наод? Во сезона на грип и едно чудо пневмонии сите до една поликлиники низ градот блокирани, мислам крајно некоректно. Што ни останува на сите со наоди, да ги пратиме на Инфективна клиника и нека се создаваат колони дури и тие не ги блокираат упатите?“, прашува докторот.