Драги сограѓани и граѓани на македонската држава, чест и задоволство ми е што како претседателка на Здружението ба граѓани можам да ви се обратам на денешниов собир од кој сакаме да испратиме заедничка порака до сите мирољубиви луѓе, дека никој и ништо не може да ги наруши меѓусоседските братски односи помеѓу нас Македонците и Србите, изјави Маја Денковска, претседателка на Здружението на граѓани Мир, слога, стабилност – Скопје.

Мирниот протест се одржа пред Амбасадата на Србија во Скопје.

-Повод за овој мирен собир е поддршка на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, човек кој безрезервно ја поддржува политиката на мирот, како во регионот, така и во светот. Човек, политичар, претседател на држава, единствен кој не побара од нас Македонците да го менуваме името на нашата земја, не побара од нас да го менуваме Уставот, не побара од нас да го менуваме сопствениот идентитет и јазик, а што е најважно од се, човек кој не ја оспорува и не плука по нашата историја, рече Денковска.

Македонскиот народ, додаде таа, нема да ја заборави поддршката и помошта на Вучиќ, кој во екот на пандемијата со Ковид-19, ширум ги отвори вратите на својата држава за нас македонскиот народ и несебично, тој и неговиот српски народ ги сподели вакцините со нас.

– Да не ја заборавиме помошта околу пожарите, донација на брашно и што уште не. И не побара ништо за возврат. Само мир, слога, стабилност. Само братска љубов, меѓусоседска почит и разбирање. Демократија е грчки збор кој во буквален превод означувa „владеење на народот“, а изборите се дел од демократијата, додека улицата и тн. „обоени револуции“ водат кон анархија и безредие. Местото на моите деца, вашите деца, нашите деца е во училишните клупи, студентските амфитеатри, спортските сали, научно-истражувачките центри… Нивното место не е на улиците, нивното место не е онаму каде што има безредие и темнина, рече Денковска.

Таа обраќањето го заврши со латинската Patria prima cura (Татковината е прва грижа).

– Господ нека ја благослови нашата Македонија, Господ нека ја благослови Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ, рече Денковска.

Како што беше објавувано на социјалните мрежи, деновиве поддршка од граѓани од Македонија имаше и за протестите кои подолго време траат во Србија. И Македонија имаше слична „шарена револуција“ која на власт го донесе Зоран Заев, СДСМ и ДУИ.

Видео од настанот објави порталот А1.он.