Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, откри дека е започната нова фаза на кривични пријави поврзани со сомнителни проекти финансирани од грантови преку Фондот за иновации. Меѓу спорните иницијативи е и грант од 240 илјади евра за производство на биоразградливи алое хулахопки и проект за платформа за пазарно истражување вреден речиси 140 илјади евра.
Андоновски изјави за Канал 5 дека неисполнувањето на договорените услови станало пракса во Фондот:
„Најавите од Фондот се дека и оваа недела ќе имаме еден нов бран на нови кривични пријави кои ќе се поднесуваат. Во различни области се, но концептот, постапката е иста и треба да ја знаат македонските граѓани. Не се исполнети договорите за грант, а сепак се исплаќани средства во целост и никогаш директорите не побарале поврат на тие средства кога увиделе дека проектите немаат реализација. Сите овие кривични се поткрепени од внатрешните ревизии кои утврдиле дека се дале средства, не се испорачале договорите и препораката на внатрешните ревизори тогаш била – никако да не се исплаќаат средствата, а директорите оделе спротивно на тоа и ги исплаќале средствата“.
Откриена сериозна злоупотреба на Фондот за иновации: Партиски послушници добивале средства за непостоечки апликации и рецепти за пица – враќање на средствата и покренување на кривичен прогон, вели министерот Андоновски
Министерот најави дека поради изгубената доверба од јавноста и бројните скандали, Фондот за иновации ќе се расформира до крајот на годината. Надлежностите ќе бидат распределени на Министерството за дигитална трансформација, Министерството за образование и наука, како и други релевантни институции.
„Фондот стана симбол на финансирање лични и бизнис-партиски интереси,“ додаде Андоновски.
Во синоќешното гостување на „ТопТема“, Андоновски, истакна дека неколку минати раководства на ФИТР, работеле криминално и направиле бројни финансиски злоупотреби и криминали, за кои се поднесени и се поднесуваат кривични пријави.
„Се покажа дека Фондот за иновации со сите негови претходни директори во последните 6 години работел многу криминално. Неколку милиони евра штета се во прашање направени. Оваа недела ќе има и нови кривични пријави, за различни проекти кои што никогаш не се реализирале, а биле исплаќани”, потенцираше Андоновски.