Судијка од Велес им помогнала на маж и жена сопственици на аптеки со фалсификуван документ да си впишат имот во катастар. Обвинителство поднесе обвинение против неа и двајцата сопружници, објави ТВ 24.
Имено Судијаката Наташа Мишева донела пресуда со која им го усвоила тужбеното барање и им утврдила право на сопственост на деловен простор и земјиште под зграда на сопствениците на аптеки. Иако пресудата не била правосилна и извршна, судијката ја заверила со службен печат. Мишева, изигрувајќи го АКМИС системот, им го дала на рака решението што го донела, па брачната двојка – аптекари успеале да извадат и имотен лист.
Дополнително, како судија во вонпарнична постапка решила привремената мерка веднаш да биде извршна и примерок веднаш да биде доставен до Агенцијата за катастар на недвижности – Одделение за катастар на недвижности Велес. Решението било со невистинита содржина во поглед на податоците за наводно одржаното рочиште, а документот спротивно на судскиот деловник било доставено само до предлагачот. – ОЈО.
Мишева со незаконските дела не застанала тука, таа со посебно решение, како што велат од обвинителството, ја задолжила спротивната страна да ги надомести парничните трошоци на предлагачите во износ од близу 18. илјади евра. За да ги прикрие сите противправни дејствија во предметите, обвинетата судијка свесно ги уништила службените документи – повратници и не ги споила сите документи во списите на предметот. Сопствениците на аптеки, освен што, со решението на судијката си завршиле работа и го присвоиле дуќанот, туки и преку извршител си ги наплатиле судските трошоци.
– Обвинетите сопственици ги употребиле ваквите исправи со невистинита содржина пред Агенцијата за катастар на недвижности за да внесат промени во имотните листови во корист на обвинетото правно лице. Со лажно прикажување факти од судските постапки тие нанеле значителна имотна штета на спротивната страна, а за себе прибавиле значителна имотна корист. Парничните трошоци за постапката ги наплатиле преку извршител, иако знаеле дека барањето за извршување им е засновано на исправа со невистинита содржина. – ОЈО.
ТВ 24 стапи во контакт со судијката Мишева која за нашата телевизија изјави дека прв пар слуша дека против неа е поднесено обвинение.
Судијката Наташа Мишева од Велес, Судскиот совет ја разрешил пред две години поради нејзиното постапување во овој случај, но поради тежината за нејзините незаконски дела таа сега ќе одговара и кривично.