Со поддршката од трибините во Вараждин, Македонија одигра нерешено 27-27 со Унгарија и ќе пренесе бодови во втората фаза. Малку недостигаше да извојуваме победа, но во последната минута нашата репрезентација не се снајде најдобро и и дозволи на Унгарија да изедначи.
Што да се каже за мечот. Целата репрезентација играше одлично, но мора да се истакнат одличните одбрани на 39 годишниот Никола Митревски кој правеше чуда на голот и имаше 13 одбрани. Одбраната играше цврсто и агресивно што резултираше со мал број примени голови.
А нападот на Македонија беше предводен од Филип Кузмановски кој постигна 10 голови, надополнет со Мартин Серафимов и Јагуриновски.
Во првото полувреме во еден момент имавме и 4 голови предност, но полувремето заврши нерешено. Во второто полувреме често пати имавме водство, но, финалната драма започна во 53 минута кога Јагуриновски израмни на 24-24, по нова одбрана на Митревски, Маркоски реализираше на празен гол за 24-25. Нашите момци не искористија нова одбрана на Митревски, Унгарија израмни на 25-25. Јагуриновски постигна важен гол за 25-26 на две и пол минути до крајот, но противникот брзо врати за 26-26. Македонија под пасивен напад рализираше преку Кузмановски за 26-27, Митревски спречи ново израмнување. Лазаров повика тајм-аут да им даде инструкции на играчите. Наместо напад за победа, Унгарија ни ја зема топката и израмни на 27-27.