Македонските ракометари вечерва загубија од Холандија со 32:37.
На полувремето Холандија водеше со три голови разлика, ние успеавме да стигнеме до 21:21, но потоа Холанѓаните се одлепија, а ние не најдовме решение за нивната брза игра и лесните голови кои ги примавме, што покажува и фактот дека 37 пати ја вадевме топката од мрежа.
Инаку, за противникот беа досудени неверојатни 12 пенали, а нашите ракометари имаа седум исклучувања и добија два црвени картони. Сето ова предизвика револт кај неколку илјадната Фаланга, која беше бесна на начинот на кој данската судиска двојка го судеше мечот.
Ова е веројатно крај на сонот за некаков поголем успех на оваа репрезентација на ова СП, иако сосема сигурно ќе се пласираме како трети во втората рунда, бидејќи Гвинеја, нашиот следен противник, е најслабата екипа во групата
Со оваа победа Холандија се искачи на врвот на табелата со 4 бода, Унгарија 1, Македонија 1 и Гвинеја на последното четврто место со нула бодови.
Вечерва од 20:30 играат Гвинеја-Унгарија, пошто и ќе биде појасен редоследот на табелата во оваа група.