Ричард ВОЛФ
(Волф е американски марксистички економист познат по својата работа на економска методологија и класна анализа. Тој е почесен професор по економија на Универзитетот во Масачусетс Амхерст и визитинг-професор на програмата за постдипломски студии за меѓународни прашања во Њујорк)
Капиталистичкиот систем, како и секој друг, има потреба од тоа сите актери да ја играат својата улога. Ако мнозинството не одат на работа, капитализмот нема да функционира. Тогаш е крај на играта. Треба да одиме на работа, а потоа да одиме во продавница за да ги потрошиме парите што сме ги добиле од работата.
Треба да играат и двете страни, инаку работата не функционира. Но, капитализмот има еден внатрешен проблем или како што кажува Маркс, внатрешна противречност. Секој капиталист се обидува да заштеди од трошоците за работниците. Да го замени скапо платениот работник со пониско платен, да го замени со машина или да го натера работникот да прима помала плата. Секогаш се обидуваат да заштедат од трошоците за работникот, зашто така им се зголемува профитот.
Но, секогаш се изненадуваат, кога ќе сфатат дека тоа што оствариле поголем профит на сметка на работниците, доведува до тоа работниците да немаат пари да купуваат. Така, спечаленото на сметка на работниците, се губи поради тоа што сега производот не се продава. Капитализмот не може да ја реши таа дилема, зашто таква му е природата. Ако ја реши, нема веќе да биде капитализам. Таа дилема е вечна, зашто нема решение за нејзе. Можат да ја одложат дилемата, но останува проблемот: како да продолжите да купувате, ако немате доволно пари, ако не ве плаќаат доволно?
Одговорот е: така што ќе се задолжувате. Зајмите пари и така можете да трошите, без газдата да ве плаќа. Извонредно! Затоа имате 12 кредитини картички. Затоа зајмите за колеџ, за куќа, за автомобил – се задолжувате, се задолжувате – тоа е сон на секој капиталист. Да има купувачи за неговиот производ, а да не мора да плаќа. Ако го сфатите тоа, ќе го сфатите капитализмот и ќе му станете непријател.
Јасно ви е? Ве исцедува како работник, а потоа ви позајмува за да му станете должник. Полошо од тоа е само што големиот број Американци се благодарни што им се нуди таква можност. Соучесници сте во вашето уништување, што не е комплимент.