Министерството за образование и наука информира дека второто полугодие за основците и средношколците, по тринеделниот зимски распуст почнува утре, 20 јануари. Според календарите за работа, наставната година во основните и во средните училишта завршува на 10 јуни, освен за матурантите, за кои редовната настава завршува на 16 мај 2025 година.
По повод почетокот на вториот дел од учебната година, министерката за образование и наука Весна Јаневска на учениците, наставниците и родителите во денешното соопштение им посака успешно совладување на новите предизвици, нагласувајќи дека секој треба да придонесе во градењето пријателски и безбедни училишта, во кои владее култура на разбирање и соработка.
Тоа, како истакна министерката Јаневска, се важни предуслови за стекнување квалитетни знаења, вештини и компетенции, кои младите ги оформуваат како одговорни граѓани и идни лидери на инклузивно, праведно и просперитетно општество.
Учебната година нема да биде продолжена како минатата година бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани.
За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.