Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ријад во следните четири години сака да вложи 600 милијарди долари во САД.

Но, тој не прецизираше во што ќе инвестира Саудиска Арабија, бидејќи САД изминатите години се помалку се потпираа на саудиската нафта, која беше основа на нивните економски односи.

Саудиска Арабија се повеќе купува оружје и одбранбени системи произведени во САД.

Најавата за инвестиции од 600 милијарди долари доаѓа во време кога Саудиска Арабија се соочува со одредени буџетски проблеми. Глобалните цени на нафтата се ниски веќе неколку години по врвот на пандемијата на Ковид-19, што влијае на приходите на земјата.

Трамп по инаугурацијата најави дека е можно првото патување како претседател да у биде во Саудиска Арабија, како за време на првиот мандат, кога го посети Ријад во 2017 година.

Трамп одржуваше блиски односи со Саудиска Арабија, дури и откако принцот Мохамед беше вмешан во убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги во 2018 година во Истанбул.

Саудиска Арабија исто така, разговараше со администрацијата на Џо Бајден за можен договор за признавање на Израел, кој ќе им обезбеди воена заштита од САД и други форми на поддршка.

фото: МИА архива