Младата Фросина Кулакова од Неготино чиј живот насилно згасна на 29 јануари, ќе биде погребана денеска. Дваесет и две годишната модна дизајнерка чии креакции оставаа печат на колоритност и позитивност го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин, кај Силбо, од 20 годишниот возач Васил Jованов.
-Животот уште незапочнат – најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо, ни на земја. За сите пријатели, роднини, колеги. Петок 31.01.2025: капела Бутел од 10 до 11 часот, капела Неготино од 1 до 2 часот попладне и погреб. Почивај во мир мила наша, мила да си при Бога Фросинче, напиша таткото на Фросина на социјалните мрежи.
-Сестро моја, моја најголема љубов и најголема болка. Животот ме раздели од тебе многу рано, но никогаш нема да те раздели од моето срце. Твојата душа е тука во секој здив што го земам во секоја солза што паѓа. Празнината што ја остави никогаш нема да се пополни, но љубовта што ја делевме ќе живее вечно. Почивај во мир Сосинка ангелу мој. Засекогаш ќе бидеш со мене и со сите нас. Летај со ангелите бати, стои во објава на Фејсбук.
Кривичниот суд вчера му одреди притвор во траење од 30 дена на Васил Јованов. Како што претходно соопштија од Обвинителството, Јованов бил пијан, возел без возачка и со голема брзина на црвено на семафорите во близина на Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“.
„Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“.
Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Граѓани најавија дека денеска во 13 часот излегуваат на протест по трагичната несреќа во која загина Фросинa. Тие бараат надлежните да отворат очи. Истовремено, лути се на судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач Васил Јованов, кога го осудил за поседување на дрога. Во објавата на социјалните мрежи, граѓаните повикуваат на собирање и блокада на булеварот како израз на револт кон судската одлука.
ВМРО-ДПМНЕ: Најстрога казна за возачот кој усмрти 22 годишна девојка, ЈО и судот да работат според закон
Изразуваме најдлабока жалост за трагичната сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди, поради која животот го загуби младата Фросина Кулакова.
Воедно, бараме најостра санкција за возачот од страна на Јавното обвинителство и судот. Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност.
Казната во овој случај и сличните мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот.
Секоја личност носи одговорност за своите постапки.
Овој случај ќе го има вниманието на јавноста и на ВМРО-ДПМНЕ и апелираме до институциите да работат според закон.
Истовремено, ги повикуваме сите граѓани да останат обединети во оваа трагична ситуација. Нашата заедничка цел треба да биде обезбедување на безбедни улици и почитување на законите.
Апелираме до сите политички субјекти и јавни личности да се воздржат од користење на оваа трагедија за сопствени интереси и да се фокусираат на поддршка на семејството на починатата, како и на иницијативи што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Нека почива во мир Фросина Кулакова, а нејзината трагична судбина нека биде поттик за сите нас да работиме на подобрување на безбедноста и одговорноста во нашето општество.
ОЈО за Васил Јованов: Судот му ја укинал притворската мерка и го испратил во поправен дом
Против лицето МВР поднело кривична пријава на 30.03.2024 година за член 215 од Кривичниот законик.
Уште истиот ден јавен обвинител донел Наредба за поведување истражна постапка против осомничениот и предлог за притвор, за што обвинителството тогаш веднаш ја извести јавноста.
Осомничениот станал достапен на органите на прогонот од 02.04.2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор.
Истрагата е завршена за помалку од 2 месеци и на 21.05.2024 година јавниот обвинител поднесе обвинителен акт при што побарал и продолжување на мерката притвор. И тој предлог е прифатен и на лицето му е продолжен притворот се до 31.07.2024 година кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение со кое го огласи за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укина притворската мерка.
На 30.09.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка.
Против истото лице до обвинителството е поднесена само уште една пријава на 01.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода случена на 04.11.2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ.
Освен ова МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство.