Граѓаните кои денеска излегоа на мирен протест на скопскиот булевар „Партизански одреди“ кај пекарницата „Силбо“, се упатија кон Собранието, а потоа и пред Обвинителството и Кривичниот суд, барајќи правда за смртта на 22-годишната Фросина од Неготино, која смртно беше прегазена од 20-годишниот В.Ј. додека поминувала на пешачки премин на зелено.

Студентите, кои се во првите редови на протестот, јасно порачаа: „Бараме затвор за возачот!“

По собирот пред Собранието, револтираната толпа стигна пред зградата на Јавното обвинителство, каде што граѓаните со скандирања побараа одговорност од институциите.

„Нека излезат сите кои придонесоа за овие жртви. За кого работи овој систем?“ – ечеше низ мегафон, додека демонстрантите го насочуваа својот гнев кон правосудните органи.

Студентите, кои беа меѓу најгласните учесници, скандираа: „Бараме правда, уа!“, „Правда за Фросина!“ и „Убијци!“, обвинувајќи дека системот останува глув за неправдата и дека несовесните возачи остануваат неказнети.

Граѓаните бараат институциите да преземат конкретни мерки – строги санкции за сообраќајните прекршители, подобрување на безбедноста на пешачките премини и крај на неказнивоста која, според нив, ги охрабрува ваквите трагедии.

Од мегафонот одекнуваше гневното прашање на граѓаните: „До кога ќе се префрла топката од институција до институција? Дали треба сите да заминеме од државата?“ – зборови што го одразуваат разочарувањето од правосудниот систем и неговата (не)ефикасност.

По триминутен молк во чест на Фросина и сите жртви на сообраќајни несреќи, толпата продолжи со силни скандирања: „Убијци!“, „Бараме правда!“, „Нема да ви помине!“