Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, побара итна ревизија на сите пресуди во кои криминалци во време на СДСМ, според него, добиле поблаги казни наместо затворски санкции. Лефков на денешната прес-конференција ја истакна потребата судот да покаже поголема одговорност во своите одлуки.

-Јавноста е шокирана од настојувањето на Кривичниот суд да ја оправда својата одлука со која лице, кај кое биле пронајдени над 80 пакувања амфетамин, било третирано со воспитна мерка наместо со построга санкција. Наместо да ја преземе одговорноста за очигледниот пропуст, судот продолжува да го брани својот став, дури и по тоа што истиот сторител, на слобода, предизвика трагедија со одземање на невин живот, изјави Лефков.

Тој, исто така, ја критикуваше судијката која ја донела одлуката за ослободување на сторителот, нагласувајќи дека таа не е непозната за јавноста и дека во изминатите седум години била главен извршител на политички монтирани процеси против ВМРО-ДПМНЕ. Лефков додаде дека судството мора да престане со практиката на селективна правда и конечно да работи во служба на граѓаните.

-Овој случај е дополнително скандалозен затоа што сторителот бил третиран како „млад возрасен“, категорија што судството ја користи за да доделува поблаги санкции, иако се работи за полнолетно лице кое веќе извршило сериозно кривично дело. Наместо да се земе предвид количината на запленетата дрога и ризикот што го претставува, судот решил да примени воспитна мерка, со што овој случај заврши со фатални последици, додаде Лефков.

Нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ бара итна ревизија на сите вакви пресуди и судските органи да покажат зголемена одговорност во одлучувањето. Според Лефков, безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, а не заштитата на поединци.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ