ГЕОРГИЕВ ЗА БТВ: Ако не се исполнат обврските, ЕУ нема да го продолжи пристапувањето на Македонија

/ 03.02.2025

Шефот на дипломатијата Георг Георгиев во интервју за бугарската БТВ прв пат говореше за македонското прашање, а односите меѓу двете земји во моментов ги оцени како специфични. Прашан дали Бугарија ќе ја промени позицијата кон Македонија, со оглед на цврстиот став на премиерот Мицкоски дека додека е тој на чело на Владата, без јасни гаранции од ЕУ, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, Георгиев истакна дека уставните измени се услов од ЕУ, не само од Бугарија, а ако Македонија не ги исполни преземените обврски, нема како да го продолжи пристапниот процес.

-Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘франциски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и Македонија. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и Македонија. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на Македонија, изјави Георгиев.

Георгиев не ја исклучува можноста за средба меѓу премиерите на двете држави, доколку, како што рече, Мицкоски ја иницира и побара протоколарно да се сретне со Жељазков. Она што е извесно е дека Скопје и Софија нема заедно да го чествуваат утрешниот роденден на Гоце Делчев. Георгиев вели дека не добиле покана од Македонија за заедничка прослава.

-Ако ме прашувате зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од РМ заедно да го чествуваме тој ден, вели бугарскиот министер.

Од македонската Влада за Канал 5 потврдија дека официјално чествување не е предвидено. Премиерот Мицкоски ќе ја предводи владината делегација на утрешниот настан, ќе оддаде почит и ќе се поклони на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата Св. Спас, велат од Владата.

Во меѓувреме, контроверзниот бугарски активист на кој му е забранет влез во земјава, Виктор Стојанов, на социјалните мрежи организира собир за утре напладне пред споменикот на Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Споделувајќи фотографија од пред неколку години на која позира со бугарско знаме пред споменикот на Делчев ги повика македонските Бугари и гости од Бугарија да дојдат и му оддадат почит на великанот.


Од истата категорија