Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој јавно го обвини судијата, Илир Реџепи, дека земал пари за да донесе одлука во корист на крилото на Зијадин Села, за предметот Алијанса за Албанците, вели дека неговото обвинување се заснова на „информации кои дошле до партијата“. Фетаи, кој  тврдеше дека одлуката е напишана во партиски кабинети, а не во суд, не пријавил такво кривично дело во органите на кривичното гонење и покрај тоа што тоа е негова должност.

„Известени сме во партијата дека предметниот судија добил пари од другата страна, за да донесе иста одлука како и првата во врска со предметот за сопственоста на печатите на партијата Алијанса за Албанците. Досега немаме поднесено жалба, бидејќи ги разгледуваме следните чекори во врска со овој случај во рамките на партијата“, вели Фетаи.

Се чини дека обвинителството почна да го „чешла“ Фетаи. Обвинителството вели дека работи на прибирање докази кои треба да докажат вакво кривично дело, како што тврди Фетаи во својство на вицепремиер.

„Обвинителството во Тетово ја следи информацијата. Додека не се утврдат индикациите кои водат кон кривично дело, обвинителството ќе постапува во согласност со законот”, велат од ЈО.

Фетаи пред неколку дена во изјава за весникот Лајм, јасно кажа дека судијата добил пари за ваквата одлука. Тој дури и го генерализираше актот како општ во правосудниот систем.

„Постојат одредени судии кои примаат пари од партиите и пишуваат одлуки кои не се напишани ниту на суд, но се напишани во овој случај во канцелариите на политичките партии“, велеше Фетаи.

Судијата Илир Реџепи во краток разговор рече дека ги искажал сите аргументи што ги имал во судската одлука, а во однос на обвинувањата на Фетаи вели дека станува збор за клевета и ги отфрла како невистинити. Постапките на вицепремиерот Фетаи, кои ги опиша како несовесни, се очекува јавно да бидат осудени и од Судскиот совет и Здружението на судии.