Шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, да бидат со маржа од 3 проценти.
За лебот, тестенините, оризот, за солта, за кафето, оцетот, за квасецот, рускиот чај, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, за ајварот, за видови зеленчук, овошје, за пиво, бело, црвено вино, но и за дел од средствата за хигиена – прашок, паста за заби, тоалетна хартија, и друго се предлага маржа од 10 до 15 проценти.
Телма дојде до листата на производи за кои од новоформираната Стопанска комора за трговија на мало и големо, сметаат дека цените можат да ги намалат. Предлогот е да има поевтинување на околу 150 продукти, а мерката да важи од 22 март до 22 април, со што би биле опфатени и празниците Рамазан и Велигден.
Како што пишува во дописот, со ова се очекува од една да се заштитат потрошувачите, а од друга страна стабилноста на трговските претпријатија.
Трговците и дистрибутерите очекуваат од утре да добијат одговор од Владата дали е прифатлив овој предлог или не. Но, точно кога ќе се случи тоа не се знае затоа што ниту министерот за економија Дурмиши со кој во петокот имаа средба не е во земјава, ниту пак премиерот Мицкоски, со кој исто така имаа состанок минатата недела.
Овој предлог се стокми откако Владата претходно се одлучи да ги замрзне маржите на дел од производите на 10 отсто до крајот на април. Но, тоа не се случи затоа што најголемите трговци и дистрибутери во земјава побараа итен состанок со Владата за да ги кажат своите аргументи, околу ограничувањата на маржите.
Експертите пак коментираат, ако сакаат трговците да ги намалат цените на предложените продукти, тоа можат веднаш да го сторат, без да чекаат дозвола од некој, а државата да прави контроли дали се почитува законот за нефер трговија.