Со директен лет од Варшава на авиокомпанијата „Ентер ер“ денеска на охридскиот аеродром пристигна првата група од 157 туристи од Полска што организирано ќе летуваат во Македонија преку аранжмните на тур-операторот „Реинбоу“.
Авионите на „Ентер ер“ со туристи од Полска ќе летаат секој понеделник во текот на целата летна сезона заклучно со 21 октомври. Се очекува преку аранжманите на „Реинбоу“ на Охридско-струшката ривиера сезонава да летуваат повеќе од 3.000 туристи од тој дел на Европа, претежно од Полска.
Катажина Пташинска, конзул на Полска во Македонија, поздравувајќи ги полските туристи на охридскиот аеродром изрази задоволство од брзината со која напредува соработката меѓу Полска и Македонија кога е во прашање туризмот, изразувајќи уверување дека се поголем број полски туристи ќе пројават интерес својот одмор да го минат во Македонија.
Според Јигит Лачин, координатор на аеродромите „ТАВ Македонија“, преку двете авионски чартер линии од Полска, онаа воспоствената минатата сезона од Катовице со аранжманите на „Рего Бис“ и оваа од Варшава со аранжманите на „Реинбоу“ ова лето во Македонија се очекува да допатуваат повеќе од девет илјади полски туристи.
– Уверен сум дека сите овие гости од Полска ќе имаат можност лично се уверат во буквална смисла што значи да се летува тука во Охрид, на бисерот на Балканот, рече Лачин.
Полските туристи ја гледаат Македонија како егзотична, неоткриена дестинација.
– Малку знам за Македонија, токму затоа и сум тука за да ја запознаам подобро. Знам дека има прекрасна природа, волшебно езеро, така што очекувам да минам убав одмор тука, изјави Ања Шевчек.
Годинешната летна туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера беше отворена на 15 април со првиот лет од Истанбул. Во мај почнаа да оперираат и авионите од Ајндховен, како и чартер летовите што веќе сообраќаат од Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, но и трите редовни авионски линии до Базел, Цирих и Лондон. Во првите пет месеци од годинава преку двата аеродрома во Македонија патувале вкупно 822.678 патници, со раст од 20 отсто на годишно ниво. Вкупно се реализирани 7.196 летови што е исто така зголемување од 17 отсто годишно.