Милиони долари од џебовите на американските даночни обврзници се трошат за исплата на луѓе кои, според официјалните податоци, наводно се постари од 200 години, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

– Има милиони луѓе регистрирани во американскиот систем за социјално осигурување за кои се тврди дека се постари од 130, 140, па дури и 150 години. Имаме случај на човек кој според официјалните податоци има 360 години – тоа е апсолутен рекорд! Нашата земја постои само 250 години, а тој е постар од самата Америка, рече американскиот претседател на конзервативната конференција CPAC во Вашингтон.

Трамп рече дека таквите податоци се доказ за „масовната измама“ што процветала за време на претходната администрација.

– Регистрирани се дури 3,5 милиони луѓе на возраст меѓу 140 и 149 години, додека 1,3 милиони од нив се постари од 150 години. Имаме и 1039 луѓе за кои се тврди дека се постари од 220 години. Како е тоа можно?– праша Трамп, изразувајќи револт поради овие случаи.

Трамп нагласи дека неговата администрација веќе презема чекори за да ги идентификува „лажните долговечни корисници“ и ќе стави крај на трошењето пари на американските даночни обврзници.

– Оваа шема функционира со години, но ние ќе ја запреме, рече Трамп.

Извор: Вечер