Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард изјави дека очекува САД да им дадат поддршка на европските мировни сили во одржувањето на мирот по постигнувањето примирје меѓу Украина и Русија.
Говорејќи за телевизијата Блумберг во Кејп Таун, каде што присуствува на состанокот на министрите за финансии на Г-20, Ломбард рече дека Велика Британија, Германија, Франција и другите европски земји се подготвени да испратат сили за да го гарантираат спроведувањето на примирјето.
„Ако сакаме да се почитува примирјетот, потребна ни е поддршката од САД. Верувам дека Американците се согласија за тоа, истакна Ломбард.
Претходно оваа недела, Ломбард заедно со францускиот претседател Емануел Макрон отпатува за Вашингтон, каде што разговараа за ситуацијата во Украина и трговските односи со американските претставници, вклучително и претседателот Доналд Трамп и министерот за финансии Скот Бесент.
„Разговаравме за сите прашања – трговија, тарифи, нетарифни бариери. Се договоривме да ги продолжиме разговорите, што е чекор напред, рече Ломбард.
Тој додаде дека со Бесент разменил броеви на мобилни телефони и дека повторно ќе се сретнат во април на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.
Фото: ЕПА