Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги казни Кјелце и Вардар поради инцидентите што се случија на нивниот меѓусебен дуел во Полска од Лигата на шампионите на 14 октомври.
Кјелце ќе треба да плати казна од 5.000 евра поради неспортско однесување на играчите и официјалните лица за време на мечот, како и дополнителна казна од 2.500 евра поради лошо обезбедување. Казна од 7.500 евра полскиот тим ќе плати и за навредлив банер, со идеолошка порака, истакнат од страна на фановите на домаќинот.
Македонскиот тим доби казна од 6.000 евра поради неспортско однесување на играчите и стручниот штаб, а истовремено се зема предвид и дека ракометар кој бил суспендиран, ги напуштил трибините и се обидел да влезе на терен за време на турканиците на двете екипи.
Жалба на овие одлуки на ЕХФможе да се поднесе во рок од седум дена.