Хајрулахи демантира дека на негова адреса пристигнала покана за да даде исказ. Вели на истата адреса од личната карта прима и испраќа пошта и никогаш не променил адреда, ниту пак одбил да прими пратка со изговор дека тоа лице не живее на дадената адреса.
-На таа адреса примам и испраќам пошта. Доказ за тоа е мојата лична карта која е со истата адреса со онаа на картончињата од пошта за прием на пратка. За тоа сведочат документите кои ви ги покажувам. Не е вистина дека сум бил поканет во ОЈО Штип – вели Хајрулахи.




Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство Скопје, по поднесена кривична пријава заради наводно сомнение за „малтретирање во вршење на службата од член 143“, како и за „злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Советот на јавни обвинители, ја отфрли неговата жалба со која бараше укинување на одлуката за негово оддалечување од функцијата, донесена од државниот јавен обвинител Коцевски. Пред околу четири месеци Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи.
Денеска од ОЈО Штип пак изјавија:
– Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР – посочија од ОЈО.
Хајрулахи денеска информира дека поднел кривична пријава против Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Македонија, Татјана Кацарова, јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски, Виш ЈО на ВЈО Штип и Ермон Незири, член во Совет на јавни обвинители за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 од Кривичниот законик“.